Турската полиција денеска на истанбулскиот меѓународен аеродром „Сабиха Ѓокчен“ го приведе македонскиот државјанин Бобан Томовски и се очекува в сабота тој да биде екстрадиран во земјава, јавија турските медиуми.

Томовски, според истите извори, бил во контакти со турскиот наркобос Седат Пекер, кој изминатиов период изнесе обвинувања за криминал и корупција против членови на Владата на Турција и на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП).

Според Си-Ен-Ен-Турк, Бобан Томовски патувал транзитно преку Истанбул за Каиро.

Турските медиуми посочуваат дека нема информации оти Томовски извршил кривични дела во Турција, но се тврди дека Пекер престојувал во неговиот дом кога пред извесно време бил во земјава.

Јавниот обвинител на Анкара минатата недела издаде налог за апсење на Пекер, за кој се верува дека се наоѓа во Обединетите Арапски Емирати. Пекер се товари за шверц на дрога.

Инаку, името на Пекер се споменуваше дека е меѓу лицата на кои им биле издадени пасоши со лажен идентитет од страна на вработени во македонската полиција.