По 15-тина часа од завршувањето на лидерската средба во проширен партиско-пратнички состав, предмалку во Клубот на пратениците почна новата рунда разговори, овојпат само меѓу лидерите на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами. Ваквиот формат на лидерската средба синоќа го побара Мицковски, по напуштањето на состанокот.

Се очекува и денеска партиските лидери да дискутираат за составот на ДИК и претстојниот есенски референдум за името, посебно за формулацијата на референдумското прашање.

На средбата во Клубот на пратеници Заев е придружуван од вицепремиерката Радмила Шекеринска, Мицкоски е со професорката Тања Каракамишева, Али Ахмети е со вицепремиерот Бујар Османи, додека Касами е придружуван од Кастриот Хаџиреџа.

На партиите на Албанците од опозиција им било оставено сами да се договорот кој ќе ги претставува на денешниот состанок.

Премиерот Заев по синоќешната лидерска средба соопшти дека референдумското прашање би можело да биде: Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? и оти претстојниот референдум потребно е да биде консултативен.