Инспекциските органи да се ангажираат повеќе и да извршат контрола на огромниот број неевидентирани, нестандардизирани, некатегоризирани и неконтролирани сместувачки капацитети во државата, бараат од Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Заменик-претседателот на Здружението, Горан Дамчевски денеска на прес-конференција во Стопанската комора рече дека во Македонија има 450 евидентирани, стандардизирани, категоризирани хотели, а на платформите за он лајн издавање или букирање за Скопје има 600 пријавени објекти и 1.500 за Македонија.

Посочи дека треба да воведе ред во овој дел од работењето и да се олесни работата на оние кои се легално регистрирани.

– Ни пречи недоволната контрола од страна на инспекциските органи во смисла на проверка кој издава, колкав денарски или девизен прилив имаме во Македонија. Има отсуство на евиденција на патници односно физички лица односно кој и каде престојува. Државата нема увид што се пласира преку booking, airbnb,  посочи Дамчевски.

Тој додаде дека загуба трпат хотелите и сместувачките капацитети кои се регистрирани, легално пријавени, државата која не си ги прибира средствата од такси за престој… и гостите кои се подложни на секакво сместување во супстандардни услови, затоа што има нелојална конкуренција.

Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија рече дека Здружението во изминатиот период реализирало повеќе активности со конретни иницијативи за измени и дополнувања на законската регулатива во секторот со цел остварување подобри резултати кои треба да покажат и поголем импакт на угостителството и туризмот во домашната економија.