Според некои сведоштва, хотелот „Монастир“, во кој е направено интервјуто со Карев, бил на Широк сокак, во непосредна близина на тогаш најлуксузниот хотел „Шарк“. Сопственик на хотел „Монастирион“, односно  „Отел Монастир“, како што прецизира интервјуто, бил Ташку Квата, Влав од Крушево, кој најверојатно учествувал во подготовката на оваа ’случајна’ средба на ’новинарот и ’членот на Комитетот, кој се вика Карев’.  

Блаже Миневски

Жанета Здравковска

    На турските власти во Битола пиле не смеело да им прелета, туѓите пропаганди кодошеле за сѐ и сешто, а претседателот на Крушевската Република во хотелот „Монастир“ на Широк сокак успеал  даде интервју за грчки весник во кое рекол „Јас сум Македонец!“ Интервјуто е објавено на осми мај 1903 година, еден ден по завршувањето на конгресот на Битолскиот револуционерен округ, кој се одржал од втори до седми мај 1903 година во село Смилево. Како што е познато, Карев учествува во работата на Конгресот и се спротивставува на решението за кревање на востание, сметајќи дека народот сè уште не е подготвен за тоа. Сепак, по одлуката за кревање востание, војводата Карев, во својство на началник на Горскиот крушевски штаб, активно учествува во подготовките и организацијата на востанието. Спроти Востанието, тој, во име на Штабот, објавува Проглас во кој го повикува народот на востание. Ноќта на втори август 1903 година околу 750 востаници, предводени од него, го нападнале и го ослободиле Крушево. Но, каде бил хотелот во кој се случил разговорот на Карев со грчкиот новинар сто дена пред востанието?

Каде бил хотел „Монастир“?

Според некои сведоштва, хотелот во кој е направено интервјуто со Карев бил на Широк сокак, во непосредна близина на тогаш најлуксузниот хотел „Шарк“. Сопственик на хотел „Монастирион“, односно  „Отел Монастир“, како што пишува во интервјуто, бил Ташку Квата, Влав од Крушево, кој најверојатно учествувал во подготовката на оваа ’случајна’ средба на ’новинарот’ и во неговиот објект.

Сепак се поставува прашањето дали е можно во време кога се подготвува големо, општонародно востание, во хотел на Широк сокак, без разлика што бил сопственост на човек кој се познавал со него, Никола  Карев да се открие пред Грк, макар и новинар, и ’пред гостите во хотелот’, особена ако се знае дека речиси немало Грк што не соработувал со турската власт во борбата против македонското движење.

Самиот новинар во воведот на интервјуто  пишува дека „во Битола ја имав среќата и честа да се запознаам со еден член на Комитетот, кој се вика Карев. Со овој човек случајно се запознав во хотел „Монастирион“, односно  „Отел Монастир“,  како што го викаат во градот. Карев се држеше многу резервирано кон мене сѐ до оној момент кога Гркот од Крушево, по име Папагудас, не ми го претстави. Потоа се ослободи и, откако погледа лево-десно ми призна дека е  член на Комитетот…“

Кој е Папагудас и кога се водел разговорот не се знае точно, но тоа сепак морало да биде барем десетина дена пред да биде објавен, односно десеттина дена пред 8 мај 1903, затоа што во меѓувреме Карев учествувал во работата на Смилевскиот конгрес, а потоа веќе бил во илегала па никако не можел така слободно да се шета, односно да оди дури во Битола и да разговара пред гости со извесен ’новинар’,  дописник на весникот „Акрополис“. Освен ако одржувањето на Смилевскиот конгрес не се бележи во нов стил, а датата на интервуто во стар стил, па тогаш  разлика меѓу двата настани е две седмици.

Инаку, според историчарите, раководителите на Македонската револуционерна организација во принцип не контактирале со новинари, а единствен исклучок се познатите интервјуа на Јане Сандански и на Даме Груев, но дадени во многу поразлични околности. Дали интервјуто на Никола Карев е единствено интервју направено со еден раководител на Организацијата пред Илинденското востание, досега не е потврдено, односно допрва треба да потврди, но факт е дека, ако интервјуто навистина е направено, станува збор за исклучителен, би рекле, историски документ, кој пред петнаесеттина години го откри и го преведе Елефтерија Вамбаковска, вработена во Институт за национална историја.

Притоа останува и дилемата каде точно се наоѓал хотел „Монастирион“ на Ташку Квата, за кој има податок дела бил доста луксузен за тоа време. Според описот на хотел „Шарк“, кој исто така се наоѓал на Широк сокак, односно во непосредна близина на „Отел Монастир“, хотелите во центарот на градот имале убави салони, свилени завеси и персиски ќилими. Хотелот „Шарк“, на пример, во почетокот на минатиот век бил преименуван во хотел „Босна“, а меѓу неговите нови газди се спомнува и некојси Ташку, кој можеби е токму Ташку Квата(?!) Можеби дошоло до спојување на двата хотела? Којзнае!

Хотелот имал голема главна сала и сепаре за двеста души а во него гостувале врвни уметници, оркестри, танчарки и танчарски групи, но, за жал, изгорел во пожар во 1936 година а сега на тоа место е градскиот паркинг пред Домот на Културата во Битола. Во времето пред Илинденското востание хотелот „Шарк“, како и хотелот „Монастир“; биле сврталишта на граѓаните кои ја поддржувале грчката пропаганда. Прочуен хотел од тоа време, од крајот на 19 и почетокот на дваесетти век, кој бил во истата редица со претходните два, е и хотелот „Локанда“, сопственост на битолскиот валија Реџеп паша, кој подоцна го купил основачот ба парохијата на француските лазаристи во Битола, отец Жан-Жозеф лепавек.

Во секој случај, во Битола во тоа време имало најмалку десетина угледни хотели, веројатно дури и поугледни од „Отел Монастир“, но интервјуто, како што пишува новинарот на „Акрополис“, било направено токму во објектот на  крушевчанецот Ташку Квата, кој дури и самиот е влезен во историјата како лик кој во дел од текстот се интересира што му кажал Никола Карев на новинарот!

Зад новинарот се криел секретарот на грчкиот конзул?

Во секој случај, според проф. д-р Далибор Јовановски, интервјуто е објавено на 8 мај 1903 година на насловната страна на влијателниот атински дневен весник „Акрополис“ а насловот на прилогот е „Од Битола-Интервју со член на Комитетот“. Личноста која го направила интервјуто во воведот пишува дека со Карев се сретнал во хотел „Монастир“ во Битола а примерокот на весникот со интервјуто може да се најде во Архивот на грчкото собрание. И Елефтерија Вамбаковска која го открила и превела документот,  во една прилика посочи дека новинарот дал краток осврт во текстот дека со Карев се сретнал „случајно во  хот. „Монастирион“, тој се држеше многу резервирано се до оној момент кога Гркот од Крушево, по име Папагудас не ми го претстави“.

Во интервјуто пишува  дека било направно во хотел во сопственот на Ташку Квата, во кој Карев имал и своја соба. Новинарот потпишан како С.Т.Стам бил личност наклонета кон грчката пропаганда што се дознава од честите провокации во разговорот.

Хроничарот на Би

првиот кат имало кафеана, а на погорниот кат бил хотел. Еден друг хроничар на Битола, Димитар Димитровски-Такец во неговата монографија „Перформансите на Широк сокак“ како единствен репрезентативен угостителски објект од крајот на 19 и почетокот на 20 век го посочува само хотел „Шарк“, кој бил наменет за елитни гости. Другите угостителски објекти во тоа време биле претежно кафеани, анови и преноќишта, што значи дека од таа „категорија“ бил и хотел „Монастир“. Друга дилема е кој точно го направил интервјуто? За потпишаниот новинар со иницијали С.Т.Стам нема подетални информации кој бил тој всушност.

Битолскиот историчар Ѓорги Чекутков смета дека тоа бил  Јон Драгумис, секретарот на грчкиот конзулат во Битола. Во интервјуто очигледна е целта на грчкиот новинар кој сака да го стигматизира и оцрни Никола Карев и ТМОРО дека се борат за  Бугарија или дека се разбојници, што Карев го отфрла како невистина. Фактички не се работи за некој грчки новинар туку за грчки националист кој се бори за голема Грција и кој е секретар на грчкиот конзул во Битола, преку кој  грчката пропаганда води борба против ТМОРО и македонското револуционерено движење.

 

Никола Карев во интервјуто:

„И Грција да сакаше да ни помогне ќе ја прифатевме со целото срце.“

Според историчарот Ѓорѓи Чекутков, интервјуто е многу значајно зашто во него Карев потенцира дека се чуствува како Македонец што значи дека тој јасно ја профилирал македонската етничката свест и покрај тоа што новинарот го прашува дали е Грк или Бугарин. Исто така од интервјуто може да се заклучи и тоа дека соседните пропаганди, во конкретниот случај грчката, сакаат да ја компромитираат Македонската Револуционерна Организација, но Никола Карев јасно потврдува дека Органзиацијата се бори за македонска република: „ Јас сум Македонец! Комитетот не е бугарски. И Грција да сакаше да ни помогне ќе ја прифатевме со целото срце.“

Сведоштво на Елефтерија Вамбаковска за откривањето на документот:

Интервјуто има директна врска со Јон Драгумиси, прв секретар на грчкиот конзулат во Битола!

„Пред извесно време од соседна Грција добивме неколку мошне интересни историографски изданија. Меѓу нив е и делото со наслов  „Та тетрадја ту Илинден“ (Атина 2000), подготвена за печат и публикувана од Георгиос Пецивас… Книгата е поделена на два дела. Во првиот дел е поместен дневникот на првиот секретар на грчкиот конзулат во Битола Јон Драгумис, а во вториот дел Г.Пецивас има поместено цела збирка разни документи кои се однесуваат на Илинденскиот период.   Авторот на „тетратките“  Ј. Драгумис е познат националистички борец за голема Грција. Во Битола дошол 1902 година и меѓу првите започнал да организира борба против Внатрешната организација. Прелистувајќи ја книгата, особено делот „Прилози“, бев пријатно изненадена кога на 553 страница (документ бр.21, „Акрополис“, бр.7608, Библиотека – Стар Парламент), се појави наслов „Интервју со член на Комитетот“. Новинарот го  започнува интервјуто со прашањето ’што е по националност’? – Јас сум Македонец! Комитетот не е бугарски. И Грција да сакаше да ни помогне ќе ја прифатевме со целото срце. – Македонец ли си? Го прашувам. – Да. – И следователно Грк.-  За ова не знам, ми одговори, јас сум Македонец. – Директен потомок на Александар Велики? Му велам иронично… Карев пак не ми одговори, само стана и полека тргна кон неговата соба, додека зад него сите гости на хотелот на разни начини ги коментираа неговите зборови.

                                                                                                                                  С.Т.Стам.

Според Карев, „Акропилис“ бр. 7608, 8 мај 1903 година:

Бугарија направила лоша сметка ако мисли да нѐ потчини!“

Во интервјуто направено пред 113 години Карев вели дека „Бугарија направила лоша сметка ако мисли да нѐ потчини. Нас единствено не интересира нашата слобода. Комитетот не е бугарски а Грција да сакаше да ни помогне ќе прифатевме со цело срце“. На прашањето дали е Македонец, Карев одговара кратко и јасно: „Да!“ Новинарот веднаш потоа сака да поентира со тоа што му вели дека следствено на тоа што тврди дека е Македнец значи оти е Грк, а Карев уште еднаш подвлекува: „Јас сум Македонец!“ Во продолжение на интервјуто, Карев вели: „ Ако Бугарија мисли да не претвори во нејзина провинција, си направила лоша пресметка. Инаку нас нѐ не интересира што мисли Бугарија, обрнуваме внимание само на следното  ’си ја постигнуваме ли целта, си ја добиваме ли слободата’, не не интересира дали ќе не ослободи Грција или Бугарија, и единствено што може некоја од нив да добие од нас е  благодарност.“ -„Добро ако се ослободите, што сакате да бидете, автономија?“-„Да…“,  вели Карев а новинарот повторно се обидува да го ’фати’ во  својата веќе поставена стапица: „Вие всушност што сакате?“ Ми ја покажува капата: „Сакаме Република!“ -„Демократија и пријателство со Бугарија“, прашува новинарот. – „Не само со Бугарија туку и со секој што ќе ни помогне да се ослободиме“, одговара Карев. „Со Бугарија сакате да се обедините?“- „ Не!Не!“, реагира Карев. – „И тоа ли го проповеда Комитетот?“, продолжува новинарот -„Да“, одговара Карев. – „Тогаш зошто Комитетот, кој толку многу се грижи за вашата независност, не бара заштита од Грција која има повеќе должност да ве ослободи, туку се приклонувате кон Варварите?“- „Да ви одговорам веднаш. Ние личиме на човек кој паднал во морето и се наоѓа во опасност, секој момент да се удави… Овој човек за да се спаси ќе се фати ли за што ќе најде во тој момент пред себе, дури и за змија? Во таква положба сме ние, дури и Турчин да ни пружи рака за спас ќе ја грабнеме со благодарност.“- „ Но грчките првенци, свештеници и учители зошто ги убивате кога немате ништо против никој“, продолжува новинарот. – „Тоа се лаги, – одговара Карев, – комитетот не убива само Грци, туку и Бугари, и Срби, и Турци, и секој што нѐ предава.“ Потоа, по еден одговорот на Карев дека Солунските атентати се ’масло’ на Грците, новинарот запишува: „Не можев да се воздржам. Страшно се насмеав што предизвика љубопитност кај сопственикот Таку Квата, кој ми се приближи и ме праша:’Што ти вели?’ Тоа и тоа, му одговорив…“, а потоа го продолѓив разговорот со Карев:„ Грција никогаш не престанала да ве поддржува и со писменост, и со оружје, го шрашав..“ Карев пак не ми одговори. – „И сега, по последните настани, што мислите да правите, го прашав. „Ништо друго освен да ја продолжиме борбата.“- „Да, но знаете ли дека зад таа борба се крие подла и нечесна борба?“- „Тоа нас не не интересира!Доволно е да си ја постигнеме нашата цел.“ -„Значи и со убиства?“- „Штом се вршат за доброто на еден народ.“- „Имате право, какви учители имавте, такви лекции научивте.“ Карев пак не ми одговри. Стана и полека излезе од собата, а зад него сите гости во хотелот на разни начини ги коментираа неговите зборови, завршува интервјуто објавено во весникот „Акрополис“ на 8 мај 1903 година, а реализирано, како што стои во интервјуто, во хотелот „Монастир“  на Таку Квата Две години подоцна, на 27 април 1905 година, Никола Карев е убиен кај месноста Свиланово, Кочанско, заедно со многу борци од неговата чета. Посмртните останки во 1953 година, по повод одбележувањето на педесетгодишнината од Илинденското востание, биле пренесени во Крушево, а подоцна во самата купола на споменикот „Илинден“, односно Македониумот, споменикот што ја означува непокорноста, борбата и вечната стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава.

Сто и тринаесет години подоцна:

Издавачот на весникот „Акрополис“ жив изгоре во својот автомобил!

Пред нешто повеќе од еден месец издавачот на истиот тој грчки крајнодесничарски весник „Акрополис“, Панајотис Маврикос, жив изгоре во својот автомобил. Според информацијата што ја објавија средствата за информирање, инцидентот се случил на обиколница кај Атина, откако неговиот џип „порше кајен“, од непознати причини се запалил во движење. Инаку, издавачот на „Акрополис“ е меѓу обвинетите во кривично-правниот случај „новинари рекетари“. Во февруари тој беше уапсен, но веднаш потоа и ослободен. Властите тогаш информираа дека група новинари формирале криминална група и неколку години од повеќе државни службеници од јавните претпријатија со изнуда добивале пари за реклами. Полицијата работи на сите верзии од инцидентот, а не ја исклучува и можноста за намерно палење или поставена бомба.