Инсистирав авионите кои ќе летаат над Скопје и средството да бидат што е можно најбезбедни за граѓаните, затоа и ги сменивме, одговара градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на прашањето зошто толку се доцнеше со прскањето против комарци во главниот град.

– До лани градот прскал со руски авион произведен во 1926 година, едномоторен. Да пуштиш 90 години стар авион да лета над Скопје, а со еден мотор, за мене е малку неодговорно. Особено ги имам предвид упатствата кои се дадени од ЕК или европскиот стандард, каде прелет над населено место на едномоторни воздухоплови не е дозволено. Тоа е во функција на зголемување на безбедноста. Тоа е единствената новина, што ги сменивме авионите. Овие се и побезбедни, потивки, помодерни од тие претходно што беа користени, вели Шилегов во интервјуто за МИА.

Тој смета дека „со прскањето не се доцнеше и потребно е да бидат исполнети определени временски услови за да дејствува средството врз комарците“.

– Тоа се најмалку три сушни денови пред прскањето и најмалку два потоа. Во врнежливиот период сепак успеавме да најдеме два термина во кои беше извршено прскањето. Првото беше од 5 до 8 јули, а второто од 16 до 20 јули. Не сме излегле надвор од рутината, од веќе утврдената постапка на Град Скопје и надлежните институции на државно ниво, од протоколите за тоа како се третираат комарците во Скопје, вели Шилегов.

Градоначалникот смета дека токму во неговиот прв мандат имал „несреќа“ да се намножат комарците.

– Факт е дека големата влажност и зелената вегетација кои беа на почетокот на летото придонесоа кога дојде до нагло затоплување, по 1 август па наваму, да дојде до масовна појава на комарците. Поради тоа, пак, го зголемивме интензитетот на прскањето во текот на изминатиот викенд. Се прскаше четири дена и веќе проблемот со комарците во Скопје не е на толкаво ниво. Не велам дека ги нема, комарци секогаш ќе има, но не е како масовна појава, вели Шилегов.