Во Прилеп, во еден часот по полноќ во пожар изгоре патничко моторно возило. На улицата „Киро Нацевски Фетак“ изгоре возило марка „пежо“ сопственост на прилепчанецот со иницијали Р.Н. на возраст од 65 години.

Противпожарната единица го изгаснала пожарот, а повредени лица нема, соопштуваат од СВР Битола. Полицијата изврши увид на местото на настанот.

Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола, потврди дека во градот има зајакнато полициско присуство се додека целосно не се расчистат сите случаи, во кои беа опожарени возила.

Ова, официјално е трето опожарување возила во Прилеп за околу еден месец.

Вчера, рано изутрината беше запален автомобилот на пратеникот Петар Ристески, во што настрада и возилото на неговиот татко, а пред речиси еден месец беше запалено и возилото на директорот на прилепски комуналец Рубин Абрашоски.

Мажот кој вчера беше уапсен поради сомневања дека има поврзаност со опожарувањето на автомобилот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, доби осум дневен притвор. Тој во полициска станица не признал вина ниту дека знае нешто поврзано со случајот, дознава порталот А1он.

Но, во момент кога бил издаден налог за одземање и вештачење на неговиот мобилен телефон, тој го искршил пред полицајците.

– Лицето е во притвор, но не за делото поради кое првично беше лишено од слобода. Тој е во притвор спречување на службено лице во вршење на службени дејствија. При распит во полициска станица го скршил телефонскиот уред кој требало да биде одземен за вештачење, со цел утврдување на комуникацијата која ја имал во изминатиот период, велат од Обвинителството за „А1он“.

Приведени две лица откако изгоре возилото на Ристески

Две лица се приведени во случајот со запаленото возило на пратеникот Петар Ристески, кое во пожар целосно изгоре вчера во раните утрински часови. Едното лице е од прилепското село Ново Лагово на возраст од 41 година, а другото лице е од Прилеп на возраст од 31 година.

Според јавниот обвинител од прилепското основно јавно обвинителство Маријана Илиеска, на едно од двете лица, 31-годишниот прилепчанец му е определен притвор до осум дена поради спречување на службеното лице во извршувањето на должноста.

-Се прибира доказниот материјал во случајот, налогот е даден да се приберат сите видеозаписи од околината, од бензиски пумпи, јавни објекти во периодот кога е запалено возилото, а од собраниот доказен материјал на лице место се чека да заврши вештачењето, изјави обвинителката Илиеска.