Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан, вчера на Велики четврток, во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, во сослужение со архијереи на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, служеше Света Божествена литургија, на која го изврши и чинот осветување на миро, што е основен показател за автокефалност на секоја помесна Црква.
На литургијата и на чинот на осветување на мирото сослужуваа г. Петар, митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски, г. Тимотеј, митрополит Дебарско-кичевски, г. Агатангел, митрополит Повардарски, г. Иларион, митрополит Брегалнички, г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски, г. Григориј, митрополит Кумановско-осоговски, г. Јосиф, поранешен митрополит Кумановско-осоговски и епископите Хераклејски, г. Климент, Стобиски, г. Јаков и Антаниски, г. Партениј, соопштија од МПЦ-ОА.
Ова беше четврто осветување на свето миро од возобновувањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Првото миро по возобновувањето на автокефалноста, МПЦ го добила во 1967 година од тогашниот претстојател на Романската Православна Црква, Патријархот Јустинијан.
На Великиот вход во Соборниот храм, архимандритот Никола го носеше алавастерот со светото миро осветено од архиепископот Михаил во 1996 година, а протопрезвитерите ги носеа алавастрите со новото миро.
После Входот, алавастрите со новото миро беа поставени на светиот престол. Потем, по завршетокот на канонот на Евхаристијата, г.г. Стефан го освети нововареното миро, а светото миро осветено во 1996 година, беше долиено во новото миро, со што се покажува непрекинатото дејство на Божјата благодат. Тоа ќе биде чувано во Соборниот храм и по потреба предавано на епархиите на МПЦ-ОА.