Изречени се 57 казни за паркирање во зеленило на Водно во тек на изминатиот викенд, при контролата на градските комунални редари, со цел да се заштити планината  од загадување и за да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот.

– Благодарение на овие засилени контроли на градските комунални редари викендов беше избегнат метежот од возила, бесплатните автобуси беа полни, а посетителите имаа оптимални услови за рекреација, соопшти денеска Град Скопје.

Бесплатниот автобуски превоз викендот го искористиле над 4.000 патници на трите бесплатни автобуски линии кои прават 29 тури дневно кон Средно Водно. Паркингот на Водно викендов го искористиле 376 возила според бројот на испратени СМС пораки. Со Жичницата, пак, што работеше со полн капацитет, се искачиле 3.500 патници.

Како дел од континуираните заложби да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено и спречување метеж од возила за време на викендите, Град Скопје воведе бесплатен автобуски превоз за време на викендите и празниците, а на паркиралиштата на Средно Водно е воведено зонско паркирање. На паркиралиштата е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли. Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица, како и за туристичките автобуси.

Град Скопје апелира до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а возилата да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.