Иран ќе почне заеднички поморски вежби со Русија и Кина во северниот дел на Индискиот Океан, јавија денеска иранските државни медиуми.
Иран ја зголеми воената соработка со Пекинг и Москва како одговор на регионалните тензии со САД, вклучително и снабдување на Русија со воени дронови пред да ја почне инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Бројот на посети на руски и кинески претставници на поморските сили исто така е зголемен во последните години.
Иранските државни медиуми, повикувајќи се на портпаролот на поморските вежби, Мостафа Таџидин, јавија дека вежбите наречени „Поморски безбедносен појас 2024“ ќе почнат подоцна денеска на 17.000 километри морска површина. Целта на вежбите е „поддршка на безбедноста и мултилатералната соработка“, како и „покажување на сојузничката добра волја и поморските способности“.
Портпаролот рекол дека вежбите на трите земји, кои се четврти поморски вежби од 2019 година, исто така се насочени кон подобрување на трговијата, справување со „пиратеријата и тероризмот, како и поддршка на хуманитарни активности и размена на информации во областа на спасувањето“.
Во извештајот се додава дека Оман, Азербејџан, Казахстан, Пакистан и Јужна Африка ќе ги набљудуваат вежбите.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека вежбите ќе траат до 16 март, ќе вклучуваат воени бродови и авиони, а ќе бидат насочени кон заштита на „поморската економска активност“.
Руските државни медиуми јавија дека група бродови од руската Пацифичка флота вчера пристигнале во иранското пристаниште Шабахар пред почетокот на вежбите.
Кинеското Министерство за одбрана соопшти дека вежбите се насочени кон „одржување на регионалната поморска безбедност“.
Кинеското министерство додаде дека испраќа разурнувач со наведувана ракета Урумки, фрегата со наведувана ракета Лини и брод за снабдување.
Како што е веќе познато, на територијатана Европа, од пред неколку дена воени вежби одржуваат членки на НАТО.