Британски војници им се придружија на шведските и финските трупи во воената вежба во регионите Рованиеми и Ровајарви, во северна Финска, што се одржа од 29 август до 2 септември.

Британското Министерство за одбрана соопшти дека тоа резултирало со зајакнување на ефикасноста во заедничкото дејствување, имајќи предвид дека Шведска и Финска сакаат да влезат во НАТО.

Војната во Украина отвори нови прашања за безбедноста на Европа наспроти руската агресија.

-Додека има војна во Европа, зајакнувањето на нашите меѓународни партнерства е поважно од кога било, изјави британскиот министер за одбрана Бен Валас, пренесе ДПА.

„Го поддржуваме барањето на Финска и Шведска за влез во НАТО и ќе продолжиме со заедничките вежби за да бидеме подготвени заедно да се соочиме со безбедносните предизвици“, додаде тој.

Валас, исто така, рече дека вежбата е „непроценлива можност за британските војници да ги развијат своите вештини и искуство за војување на студено време за да бидат ефикасни на бојното поле заедно со нивните фински и шведски колеги“.