topРуската војска утрово изврши ракетни напади врз голем број украински региони, вклучително и црноморското пристаниште Одеса и вториот по големина град во Украина, Харков, соопштија регионалните власти. Експлозии се регистрирани и во главиот град Киев.
Нападите погодија широк опсег на цели, вклучувајќи градови кои се протегаат од Житомир и Ривне на запад до Дњепар и Полтава во централна Украина.
Гувернерот на регионот Одеса, Максим Марченко, изјави дека во масовен ракетен напад е погодена енергетска централа во пристанишниот град, што предизвика прекин на електричната енергија.
„Како резултат на масовниот ракетен напад беше погодена енергетската инфраструктура во регионот, како и станбени згради“, објави Марченко на Телеграм. Тој рече дека противвоздушните единици собориле некои проектили и дека може да следат уште напади.
„За среќа, нема жртви. На сила се рестрикции за електрична енергија“.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, изјави дека градот и регионот биле погодени од околу 15 проектили.
„Инфраструктурата повторно беше меѓу целите. Се собираат информации за жртви“, објави тој на Телеграм.
Уште еден удар е регистриран во централниот град Дњепар и во западните градови Луцк и Ривне.