Русија изврши „масовен ракетен напад“ врз централниот украински град Кривиј Риг во текот на ноќта, при што загинаа и беа повредени луѓе и оштетена цивилна инфраструктура, соопштија украинските власти.
„Има мртви и ранети“, рече Серхи Лисак, гувернер на регионот Днепропетровск каде се наоѓа Кривиј Риг, на апликацијата за пораки Телеграм.
Во раните утрински часови денеска, ширум Украина се огласија сирени за воздушен напад, а воените претставници на Киев соопштија дека силите за воздушна одбрана ги уништиле сите руски ракети насочени кон главниот град на Украина.
Украинската висока команда објави дека воздухопловните сили уништиле 10 од 14-те ракети лансирани од Русија кон Украина и едно од четирите беспилотни летала од иранско производство.
Се уште не е јасно колку проектили го погодиле Кривиј Риг и каде беспилотните летала лансирани од Русија ги погодиле нивните цели.
Во Кривиј Риг беа погодени неколку цивилни згради, вклучително и петкатница, изјави претходно градоначалникот на градот, Олександр Вилкул. „Веројатно има луѓе под урнатините“, објави Вилкул на Телеграм.
Засега нема независна потврда. Лисак објави фотографија од петкатница каде што сите прозорци се скршени, а од некои станови излегува чад. Засега нема коментар од Русија за нападите.