Хина
Лидерите на земјите членки на Европската унија денеска ќе се соберат на вонреден самит во Брисел, каде ќе се обидат да го скршат отпорот на унгарскиот премиер Виктор Орбан да одобри пакет макрофинансиска помош за Украина. Во последните денови и недели се водеа интензивни разговори за да се дојде до решение, но исходот се уште не е сигурен.
„Целта е да се убеди Унгарија да се приклучи на останатите 25 земји. До сега не успеа и сега прашање е како Орбан ќе се позиционира на самитот“, изјави еден европски дипломатски извор. Шефовите на држави или влади на земјите-членки на самитот ќе разговараат за ревизијата на седумгодишниот буџет, кој вклучува пакет помош за Украина од 50 милијарди евра за следните четири години.
Орбан ја блокираше одлуката
На последниот самит, во средината на декември минатата година, 26 земји ја поддржаа преговарачката рамка предложена од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, но согласноста на унгарскиот премиер Виктор Орбан изостана и одлуката не беше донесена бидејќи за неа е потребен консензус од сите земји-членки.
Предлогот предвидува зголемување на Повеќегодишната финансиска рамка (ПФР) за периодот од 2021 до 2027 година за 64,6 милијарди евра. Од нив само 21 милијарда се свежи пари, односно земјите членки за толку би требало да го зголемат својот придонес во буџетот, 10,6 милијарди евра би се добиле со прераспределба на постоечките средства, а останатите 33 милијарди се само гаранции за заеми кои ЕУ би ги подигнала и проследила до Украина под поволни услови.
Вкупниот предложен пакет за Украина изнесува 50 милијарди евра, од кои 17 милијарди се неповратни средства, а 33 милијарди се заеми.
Покрај пакетот помош за Украина, во предлогот за ревизија на буџетот се предвидени 2 милијарди евра за миграција и управување со границите, 7,6 милијарди евра за соседство и светот, 1,5 милијарди евра за Европскиот фонд за одбрана во рамките на новиот инструмент STEP (Платформа за стратешки технологии за Европа), 2 милијарди евра за инструментот за флексибилност, 1,5 милијарди евра за резервата за солидарност и итна помош.
Побара одмрзнување на сите фондови на ЕУ за Унгарија
Орбан го блокираше целиот пакет поради неговото противење на помошта за Украина. За негова согласност тој побара одмрзнување на сите европски фондови наменети за Унгарија. Пред декемврискиот самит, Комисијата одмрзна 10,2 милијарди евра унгарски средства, а останаа околу 21 милијарда, кои се уште се блокирани.
Во последните денови Орбан сигнализираше дека е подготвен да го поддржи пакетот помош за Украина во рамките на седумгодишниот буџет, но под услов за тоа да се одлучува секоја година, и тоа едногласно. Тоа е неприфатливо за другите земји-членки и не е во согласност со европските правила.
Во ЕУ се зголемува притисокот врз Орбан да престане со уцените, на што тој возвраќа дека Европската унија е таа што ја уценува Унгарија.
Британскиот дневен весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на работен документ, објави дека 26 земји-членки се подготвени, доколку Орбан остане на својата позиција, јавно да и се заканат на Унгарија дека ќе остане без сите средства од европскиот буџет, а последица ќе биде одвраќање на инвеститорите од вложувања во Унгарија и слабеењето на нејзината валута.
Можност за билатерална помош
Доколку Орбан не се согласи на компромис, се споменува можност 26-те земји членки билатерално да и пружат помош на Украина во предвидениот износ. Но, тоа е многу комплицирано, меѓу другото, затоа што во некои земји-членки мора да биде одобрено од нивните национални парламенти. Освен тоа, се губи предвидливоста на финансиската помош, што се наведува како една од целите на политиката на ЕУ кон Украина.
Освен за ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка, ќе се разговара и за зголемување на средствата за Европскиот инструмент за мировна помош за пет милијарди евра годишно во следните четири години. Овој инструмент се користи за плаќање на оружје и муниција што земјите-членки и ги испорачуваат на Украина од нивните залихи. Лидерите ќе разговараат и за ситуацијата на Блискиот Исток.