Шест чекори за проширување на одбранбената и безбедносната соработка меѓу Грција и САД, опишува американскиот државен секретар Ентони Блинкен во писмото испратено до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во кое информира дека Грција ќе набави до 40 американски воени авиони Ф-35 и бесплатно ќе добие пакет воена опрема, јави дописничката на МИА од Атина.
Блинкен пишува дека Конгресот е информиран за намерата од САД во Грција да бидат испратени два транспортера Ц-130, десет мотори за авиони П-3 и 60 оклопни борбени возила Бредли, а дополнително ќе биде известен за најмногу 40 нови авиони Ф-35 преку воена продажба во странство, како и за отстапување на три бродови и разни камиони и приколки, како вишок одбранбен материјал.
Американскиот државен секретар во писмото истакнува дека одбранбената трговија со НАТО сојузниците е „фундаментална компонента на нашите напори за зајакнување на европската безбедност“, но и за зајакнување на колективните одбранбени способности на Алијансата.
– За таа цел, се обидовме да соработуваме тесно со Грција за да ги унапредиме нашите заеднички интереси и меѓународниот мир и безбедност, кои се од витално значење за продолжување на меѓународниот поредок заснован на правила. Овој силен билатерален однос е доказ за силните врски меѓу нашите нации и јас сум охрабрен од напредокот што го постигнавме заедно во рамките на Договорот за меѓусебна одбранбена соработка меѓу САД и Грција за одржување силни, способни и интероперативни војски, пишува Блинкен.
На крајот од писмото истакнува дека „Грција направи значителен напредок во модернизацијата на своите одбранбени капацитети“ и изразува надеж за развивање посилни стратешки односи меѓу вооружените сили на двете земји.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по добиеното писмо од државниот секретар на САД истакна дека „денеска е важен ден за националната одбрана и за грчката дипломатија“, бидејќи „стратешката длабочина на грчко-американските односи е истакната и запечатена“.
Објасни дека пакетот воена опрема земјата ги обезбедила по барањето што во мај 2022 година, лично го упатил до американскиот претседател Бајден.
Соопшти дека земјата ќе набави 40 воени авиони од најновата генерација Ф-35 и заедно со бесплатниот пакет воена опрема истакна дека Грција „решително ги зајакнува сите три гранки на вооружените сили, како и грчката крајбрежна служба“.
Посочи дека земјата е двојно заштитена, а грчките даночни обврзници не се оптоварени, „бидејќи пакетот ќе биде достапен бесплатно, од американските резерви“.
– Тоа е резултат на методичен, тивок и долг напор, кој ја комбинираше сојузничката конзистентност на Грција на меѓународните фронтови со промовирањето на нејзините национални интереси. Резултат кој во исто време ги консолидира динамичните и независни грчко-американски стратешки односи. Денешната разврска ја оправдува активната дипломатија на кредибилитет што ја следевме секаде во последните години: од војната во Украина, проширувањето на НАТО и енергетската безбедност на Европа, до тензиите во Источниот Медитеран и драмата на Блискиот Исток, истакна Мицотакис.
Тој додаде дека Грција сега игра активна улога во западниот свет.