Товарниот железнички сообраќај да биде во функциија од синоќа, а патничкиот од вторник следната недела, договориле вчера машинскиот и извршниот персонал во ЖРСМ Транспорт и раководството на претпријатието.
Тони Димовски, претставник на машиновозачите за МИА изјави дека е постигнат договор за прекин бојкотот што го почнаа на 25. минатиот месец со барање за исплата на вториот дел од платата за јули, како и за редовност во исплата, што е честа причина за бојкоти во железничкото претпријатие.
– Бојкотот е прекинат бидејќи во преговорите со менаџерскиот тим е постигнат позитивен договор. Ќе бидат повлечени суспензиите за колегите и нема да има ниту една санкција, вели Димовски.
Машинскиот и извршниот персонал во ЖРСМ Транспорт, го почна бојкотот поради неисплатениот втор дел од платата за јули годинава.
Од стартот на бојкотот не сообраќаа ниту патничките ниту товарните возови.