Бугарските здруженија во Македонија ќе постапуваат според закон, кој предвидува во рок од три месеци да си ги променат имињата, вели финансиерот Милен Врабевски.

Бугарските здруженија ќе направат сè што е потребно да продолжат да постојат во согласност со сите закони во Македонија, велат од Фондација „Бугарско сеќавање“ на бугарскиот бизнисмен Врабевски, чија фондација на барање на бугарската држава ги финансира овие здруженија во Македонија.

Со законот директно се засегнати бугарските здруженија во земјава, Иван Михајлов во Битола и Цар Борис Трети во Охрид. Тие имаат рок од три месеци да ги усогласат своите имиња или ќе бидат избришани од Централниот регистар, откако македонското Собрание на 2 ноември изгласа измени на Законот за здруженија и фондации, со кои се забранува именување здруженија според спорни историски личности, кои се поврзуваат со фашизам.

Во одговор за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Фондацијата велат дека како земја членка на ЕУ, секогаш постапуваат по закон, и доколку никој не ги обжали на повисоко ниво измените на Законот за здруженија, бугарските здруженија ќе го почитуваат тоа.

И додека бугарските здруженија во земјава молчат, сериозна и силна загриженост изразува бугарското Министерство за надворешни работи.

Бугарското МНР смета дека тоа ќе го ограничи правото на здружување на Бугарите во Македонија, зашто има еднострано толкување на историските факти.

Од Фондацијата Бугарско сеќавање, велат дека нема да ги коментираат одлуките на македонските власти, но додаваат дека ставот на бугарската држава за ова прашање, може да се смета и за нивен став.

Целиот текст во РСЕ.