ВРЕДИ со соопштение реагираше на вториот протест што го организираше ДУИ во Тетово во врска со имињата на улиците и плоштадите, оценувајќи дека станува збор за обид на партијата да ги заштити сопствените политички интереси, а не за протест во интерес на граѓаните.

Од ВРЕДИ тврдат дека протестот не бил израз на незадоволство на тетовци, туку, како што наведуваат, „манифестација на стравот на партијата на која ѝ истекува политичкото време“.

Во соопштението потсетуваат дека ДУИ повеќе од две децении била дел од локалната и централната власт и сметаат дека наместо да се извини за, како што велат, неисполнетите ветувања и проблемите што ги оставила зад себе, сега се обидува да се претстави како жртва.

ВРЕДИ ги отфрла и тврдењата на ДУИ дека протестот бил попречуван, оценувајќи дека таквите обвинувања претставуваат обид да се оправда, како што велат, неможноста на партијата да мобилизира поголем број граѓани.

„ДУИ мора да разбере дека Тетово не е ничија сопственост. Времето кога оваа партија веруваше дека може да зборува во име на сите Албанци е завршено. Граѓаните избраа промени и нема враќање назад“, се наведува во реакцијата.

Од партијата додаваат дека секој нов протест, според нив, е доказ дека ДУИ нема визија и одговори за актуелните предизвици.

ВРЕДИ порачува дека останува посветена на решавање на прашањето за имињата на улиците во Тетово преку законски и институционални механизми, нагласувајќи дека приоритет треба да бидат интересите на граѓаните, а не, како што велат, политичките пресметки.