Врховниот суд на Македонија ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје и ги одби барањата за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените Никола Груевски, Ѓоко Поповски и Гордана Јанкулоска.

По предметите заведени под КВПКОК2КВПбр.6/19 и КВПКОК2КВПбр.7/19, Врховниот суд одлучувал на 17 септември 2020 година.

– Со донесените пресуди Врховниот суд на РС Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје, објави денеска Врховниот суд.

За предметот „Тенк“ поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на две години затвор за примање награда за противзаконито влијание за набавката на луксузен „мерцедес“, ексминистерката за внатрешни работи доби казна затвор во траење од четири години, а поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски беше осуден на шест години и шест месеци за злоупотреба на службена должност и овластување.

Како што е познато, станува збор за мерцедесот кој беше „гребан од мачки“, а потоа во него се возеше Зоран Заев и други функционери од неговата власт, се возеше Тереза Меј, Ангела Меркел, Папата Франциско и други странски државници кои ја посетија Македонија во минативе години.

Исто така познато е дека пред да дојде власта на Заев, ветуваа дека ќе го продадат „мерцедесот на Груевски“ и со него ќе купат амбулантни возила за Брза помош. Ниту го продадоа, ниту купија тоа што ветија, купија само нови гуми за „криминогениот мерцедес“ за кој потрошија неколку десетици илјади евра.

А отворената судска „пупка“ на Заев пресуди како што е наведено, со судскиот јазик, во диспозитивот.

(Д.Г.)