Не стивнуваат реакциите и тажните постови на социјалните мрежи за прерано починатиот комита Саздо. Цела Македонија се збогува со момчето кое не направи никакво злодело, освен што си ја сакаше земјата.
Никола Саздовски-Саздо, ја загуби битката со смртта ноќеска на КАРИЛ откако беше брутално претепан во населбата Автокоманда, во Скопје. Народот го познаваше како момче кое ја љубеше својата земја и Вардар, клубот за кој навиваше. Беше еден од најверните комити, голем патриот и храбро момче кое не се штедеше кога беше во прашање неговата земја.
Саздо беше крвнички претепан на 29 јуни годинава. Четири насилници го пресретнале со автомобил во населбата Автокоманда, излегле од возилото и почнале крвнички да го тепаат со шипки по целото тело. Несреќното момче по ударите паднало на тротоарот по што се онесвестило. Неговото младо тело не можело веќе да ги поднесе ударите од крвниците.
Оваа случка Министерството за внатрешни работи официјално не ја потврди неколку дена. Молкот од МВР беше прекинат со објава во полициски билтен на 02.07.18, известувајќи дека „на 29.06.2018 година во времето од 17,30 до 17,40 часот во Скопје на автобуската постојка на булевар „Александар Македонски“, од страна на три непознати машки лица (кои излегле од патничко моторно возило „Мерцедес“), физички бил нападнат Н.С.(21) од Скопје. По физичкиот напад лицата со возилото го напуштиле местото на настанот. Н.С. со возило на Итна медицинска помош е пренесен во Комплекс клиники “Мајка Тереза”. По преземени мерки, две лица се приведени во Полициска станица Кисела Вода поради сомнение дека се можни сторители на кривичното дело. Се работи на целосно расчистување на настанот по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.“
Секторот за внатрешни работи Скопје поднел кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје за сторено кривично дело „насилство“. Навивачката група „Комити“ запраша од кога тоа убиство во обид, кое се казнува и со дваесет години затвор, се преобразува во дело насилство? Комити се сомневаат во штитење на сторителите, кои ги нарекоа „бели мечки“.
Македонија не мирува на социјалните мрежи, местото каде секој може да го искаже своето мислење, повикувајќи се на правда за Саздо, надевајќи се дека некој од МВР ќе ја спроведе на дело.