Вселенскиот патријарх Вартоломеј денес ќе биде во Грција заради учеството на еколошки симпозиум, а посетата ќе ја искористи да се сретне со грчкиот државен врв.
Како што јави МИА, попладне Вартоломеј ќе има средба со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, а потоа и со грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Официјално не се соопштени темите за кои Вселенскиот патријарх ќе разговара со Павлопулос и Ципрас, но средбите доаѓаат на само неколку дена по соопштението од Вселенската патријаршија дека „во рамките на надлежностите и прерогативите на Вселенскиот патријарх, ќе биде разгледано и ќе се преземе она што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија“.
Вселенскиот патријарх е во Грција поради учеството на деветиот Меѓународен еколошки симпозиум под наслов „Кон една позелена Атика: одржувајќи ја планетата и заштитувајќи ги граѓаните“ што од 5 до 8 јуни ќе се одржи во Атина и на островите Спецес и Идра што и припаѓаат на областа Атика.