Очекувам 2018 година да донесе нови значајни позитивни промени во остварувањето на стратешките, евро-атлантски цели на државата и во квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија, вели премиерот Зоран Заев во интервју за белградскиот магазин „КоРД“. Тој истакнува дека „разговорите со Република Грција ги поставивме на пријателско и достоинствено ниво и моите очекувања се дека водат кон решение што носи добра иднина за граѓаните на Македонија и на Грција, но и на целиот регион“, вели Заев во интервјуто.

„Ако се насочиме сите кон изнаоѓањето решение, 2018 година може да биде година за паметење и за Македнија, но и за регионот, и за ЕУ и за НАТО. Затоа, неуморен оптимист сум и очекувам во јули покана на Македонија за влез во НАТО“, истакнал премиерот Зоран Заев во интервју за магазинот „КоРД“, кој се печати во Белград, а за свои читатели ги има претставниците на дипломатскиот кор во земјите во регионот, како и јавноста во земјите од Балканот.

Заев потенцирал дека Западен Балкан покажа оти може да има искрени, енергични и посветени политички раководства, кои сакаат, можат и знаат да проценат што е потребно за своите граѓани, но и пошироко и се подготвени, без калкулации, да ги постават државите на вистинскиот пат.

На прашањето како ќе се усогласат поволните пораки од ЕУ за Република Македонија, особено по препораката за определување датум за преговори, со отвореното прашање за проблемот што Грција го има со името на нашата земја, премиерот Заев рекол дека со одлуката на ЕК за кристално јасна препорака за отпочнување на преговорите со ЕУ, се потврдија политиките на актуелната влада, со кои за само 10 месеци се откочени процеси кои беа длабоко заглавени поради неодговорното однесување на претходната власт и заради политичката криза.