Граѓаните на Република Македонија излегоа масовно и му порачаа на Зоран Заев и СДСМ дека се против распродажбата на државните и националните интереси, соопшти денес партијата, два дена по големиот митинг во Скопје .

„Граѓаните гордо и исправено се спротивставија на неправдите и понижувањата од страна на власта. Граѓаните покажаа дека повеќе не се плашат на заканите и притисоците на Заев и неговиот картел и порачаа дека време е да се стави крај на лажните ветувања, злоупотребата на институциите и уништувањето на државата. Граѓаните на Република Македонија упатија порака до власта дека не смее повеќе државата да тоне, еконимијата да стагнира, а институциите да бидат заробени од картелот. Тие кажаа дека не сакаат повеќе да ги води неспособна и безидејна власт која спасот го бара во продажбата на државните интереси“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека откако е СДСМ на власт, граѓаните се повеќе осиромашуваат, а картелот на Зоран Заев се повеќе се богати.

„Цената на богатењето на Заеви ја плаќаат граѓаните. Нема 500 евра плата, нема 100.000 денари плата за лекарите, нема поврат на 15% ДДВ, нема социјална помош од 12.000 денари, бесплатно болничко лекување, и нема 600 километри нов автопат и 550 километри магистрални патишта. Граѓаните се уверија дека се што вети СДСМ е голема лага“, истакнува ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемната опозициска партија од тие причини повторува дека народот заслужува просперитетна иднина, и затоа бара предвремени избори заедно со претседателските, техничка влада 100 дена пред избори и претседател на ДИК по предлог на опозицијата.