Рампите на Граничниот премин Табановце денеска се кренати за полесно да оди протокот на граѓани кои заминаа да се вакцинираат во соседна Србија.

Започна вториот ден и од акцијата за имунизација на македонските стопанственици, што ја организира Стопанската комора на Македонија.

-Според информациите на нашите дежурните екипи на граничниот премин Табановце, протокот на возила се одвива со континуирана динамика преку 6 коловозни ленти, а процесот на вакцинација во Ниш е започнат навремено. За стопанствениците пријавени преку Стопанската комора на Македонија, а во организација и со поддршка на Стопанската комора на Србија и колегите во Регионалната комора во Ниш, процесот се одвива на посебно договорени пунктови, без застој, соопштија од Стопанската комора.

Се очекува исто како и вчера, повеќе од 1.000 македонски стопанственици да бидат вакцинирани во рамки на акцијата која на организираше Стопанската комора Македонија заедно со Стопанската комора на Србија, во рамките на Коморскиот инвестициски форум.

Автомотосојузот на Македонија во утринскиот извештај за состојбата на патиштата информираше дека на ГП „Табановце“ за излез од државата се чека околу 40 минути.

Утринава во 7 часот, граѓани кои патуваат кон Србија да се вакцинираат за порталот Фактор сведочат дека од македонска страна на границата, односно на Табановце, рампите се кренати и слободно минуваат сите возила. Проверката, како што велат и македонските гранични служби практично ја прават заедно со нивните српски колеги непосредно пред самиот влез во Србија.

-Воопшто нема застој, немаше никој во куќичките и без проверка на пасоши или лични карти поминавме на Табановце. Автомобилите се редат практично на Прешево, пред самиот влез во Србија, но очекуваме да поминеме брзо, велат за Фактор неколку семејства од Скопје што денеска тргнаа да се вакцинираат кај нашиот северен сосед.

 

Истовремено посочуваат дека без разлика што денеска во Македонија пристигнува првата поголема пратка вакцини, тие веќе одлучиле да се вакцинираат во Србија и да ја искористат шансата која овој викенд се нуди на целиот регион.

Во текот на вчерашниот ден за масовна вакцинација во Белград и во Ниш дојдоа илјадници граѓани од Македонија, БиХ, Црна Гора, Хрватска, и странци од повеќе европски земји.