Во Франција денеска се одржува вториот круг од претседателските избори, а гласачите ќе одлучат кој ќе ја предводи земјата во следните пет години – актуелниот претседател и лидер на Република во движење Емануел Макрон или кандидатката на десницата Марин Ле Пен.

Гласачките места ќе бидат отворени од 08 до 20 часот. Право на глас имаат речиси 49 милиони избирачи, а се проценува дека излезноста ќе биде околу 72 отсто.

Според последните одбјавени анкети, се очекува Макрон да победи со 57 отсто гласови во однос на Ле Пен, која би можела да добие околу десетина процентни поени помалку.

Ова е трет обид на Ле Пен за влез во Елисејската палата, а нејзин пораз ќе значи и смена на раководството на нејзината партија Национален собир.

Макрон оцени дека изборите претставуваат референдум за Европа, имајќи предвид дека двајцата кандидати предлагаат две многу различни иднини за Франција – и во внатрешната и во надворешната политика.

Во француските прекуокеански територии гласањето почна вчера, за да може гласовите да се пребројат навреме, а Французите кои живеат во странство можат да гласаат и на одредени избирачки места ширум светот.

Врз основа на примероците од специјално избраните избирачки места, прелиминарниот резултат ќе биде познат вечерва во 20 часот, како и по првиот круг.

Ако резултатот е исклучително близок, постои опција да не се објавуваат раните резултати и да се чекаат комплетните.

Пребројувањето продолжува во текот на ноќта, а Министерството за внатрешни работи утре наутро ќе ги објави конечните резултати, кои вообичаено се разликуваат за само еден до два отсто од прелиминарните резултати.

Ако победи Макрон, тој ќе биде првиот француски претседател кој освоил втор последователен мандат на избори во последните 20 години, откако Жак Ширак го победи таткото на Марин Ле Пен, Жан-Мари, и го освои вториот претседателски мандат во 2002 година.

Доколку победи Ле Пен, таа ќе влезе во историјата како првата жена избрана за шеф на државата.

Инаугурацијата на новиот претседател мора да се одржи до 14 мај, кога завршува сегашниот мандат на Макрон.