Автобуската постојка во подрумот на Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје денеска од 12 часот нема да биде во функција до утре во утринските часови, соопшти ЈСП Скопје.
Автобусите на линијата „50“ во тој период ќе ја користат автобуската постојка до паркот „Жена борец“.
– Привременото затворање на постојката е поради централниот настан во рамки на манифестацијата „Зборува Скопје“ кој ќе се одржи во Графити галеријата во ГТЦ, се вели во соопштението од ЈСП Скопје.
Оваа постојка пред неколку месеци беше отворена со музика, веселба, диџеј и свеченост, а набргу потоа беше затворена поради избедување градежни работи во тој дел од ГТЦ. Ова ќе биде второ затворање на „најотвораната и најзатворана“ автобуска постојка во градот.
Инаку, поради оваа постојка, автобусите кои возат на оваа линија мора да бидат од обичните, зашто двокатните не може да минат во нискиот простор на ГТЦ.