Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Европа бара од Србија да го признае независно Косово.
-Де факто или де јуре. Да, бара. Да не се лажеме дека не е така. Тоа го бара најголемата сила на ЕУ. Во суштина тоа го бара, изјави Вучиќ за белградски медиуми, пренесе Бета.
Зборувајќи за тоа дали граѓаните на Србија можат да се договорат за влез на земјата во ЕУ, Вучиќ рече дека е за, но дека половина од граѓаните се за, а половина се против влез во ЕУ.
Тој оцени и дека граѓаните на Србија не можат да се договорат ниту за Косово.
-Можеме да се лажеме дека сме согласни за тоа прашање. Секако дека не сме. Секако дека еден дел смета дека Косово треба што побрзо да го предадеме, Србија ќе биде поздрава, само што нема и јавно да го кажат, а другите ќе кажат – бранете го Косово и Метохија по секоја цена, но без мене и моите деца, рече тој.
фото: МИА архива