Претседателот на Србија, Александар Вучиќ им порача на Србите на Косово дека повторно се принудени да ги бранат своите огништа на барикадите и дека нема предавање и нема да има, јави дописникот на МИА од Белград.
– Пораката до сите останати е да се формира ЗСО, да се почитуваат правата и слободите на Србите и Србија и да се однесуваат во согласност со потпишаните договори и меѓународното право, бидејќи само така ќе почнеме да ги нормализираме односите и животите на сите нас, напиша Вучиќ на Инстаграм.
Тој додаде дека продолжува борбата со сите правни средства за мир, за подобар живот и иднина на нашите деца.
– Србија ќе победи, порача претседателот на Србија.
Вчера Србите поставија барикади на северот на Косово во знак на протест против апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ.
И денеска северот е блокиран и од граѓаните и од полицијата. На премините Јариње и Брњак не може да се помине ниту пеш, ниту со автомобил.
Ана Марија Ивковиќ, новинарка од Косовска Митровица за Н1 изјави дека ноќта поминала мирно на барикадите и дека се чека да се види каква ќе биде ситуацијата.