Косово не сака конфликт, но на агресијата ќе одговори со сета сила што ја има, објави синоќа косовскиот премиер, Албин Курти, на својот профил на Фејсбук.

Изјавата на Курти е одговор на најавите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ дека ќе бара од КФОР да овозможи распоредување на српската војска и полиција на Косово.

Според косовскиот премиер, Србија веќе неколку дена „му се заканува на Косово со агресија“ и повикува на враќање на српската војска на Косово, повикувајќи се на Резолуцијата 1244 на Обединетите нации.

-Тие (Србија) сакаат двојно враќање во минатото. Прво, враќање во времето на Милошевиќ и војната. Второ, прашањето за Косово да се врати во ОН и што е можно подалеку од ЕУ. Косово е европска, демократска и проамериканска земја. Србија со ова раководство што го има е автократска, проазиска и милитантна. Не сакаме конфликт, сакаме мир и напредок, но на агресијата ќе одговориме со сета моќ што ја имаме, напиша Курти.

Тој за тензиите ја обвинува Србија:

– Сега кога ниту регистарските таблички за возилата, ниту датумот за изборите не можат да се користат како изговор, се открија нелегалните структури на Србија претворени во криминални банди, напиша Курти на Фејсбук.

Тој додава дека косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла е во контакт со командантот на КФОР и дека барикадите на „маскираните криминалци на север“ треба веднаш да се отстранат.

-Косово е земја на слободни и вредни граѓани, без разлика на етничката и верската припадност, полот и возраста. Криминалците и русофилите ќе изгубат. Република Косово ќе победи, напиша Курти.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера изјави дека официјален Белград ќе испрати барање до командантот на КФОР да дозволи распоредување на српската војска и полиција на северот од Косово.