Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави вечерва дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски со регуларни документи влегол во Србија и дека во тој момент немало никаква потерница против него, дека во Србија е направено се во согласност со законите и дека не му била никаков јатак.
На тие што велат дека за случајот со Груевски да се прашаат Албанија, Црна Гора и Србија, одговара оти вистинското прашање е како Груевски излегол од Македонија, дали Македонија тогаш го гонела или не.
Гостувајќи во емисијата Кирилица на ТВ Хепи, Вучиќ детално објаснуваше што се случувало.
– На 11 ноември во текот на ноќта, некаде помеѓу еден и два часот, немаме официјални податоци, Груевски влегол на територијата на Албанија, легитимирајќи се и во придружба на две лица од унгарска националност. Потоа влегува во Црна Гора на преминот Божај, исто така со регуларни документи и со пасаван издаден во унгарската амбасада во Тирана. Потоа на 11 ноември влегува во Србија со регуларна лична карта и во придружба на истите лица, а на 12 ноември во 5,11 часот ја напуштил Србија на преминот Хоргош со пасаван бр. 100.501 издаден во Тирана, со лична карта и во придружба на лица со дипломатски документи и дипломатско возило, објасни Вучиќ.
Тој нагласува дека тој момент немало никаква потерница за Груевски.
– Дури на 13 ноември во 19,35 часот од Интерпол Скопје ни е доставена потерница. Значи, ако го запревме тоа би било киднапирање на Груевски од наша страна, наведува Вучиќ.
Натаму продолжува:
– Дури три дена подоцна! Со кого терате мајтап, барате Србија да апси луѓе без потерница, дали мислите дека ние сме диво племе, дали тоа очекувате од Србија, наместо да се запрашате кого го пуштивте и зошто толку сте чекале, рече претседателот на Србија.
Тој додаде дека „овие од Србија“ ги пуштил да се „испукаат со глупостите“ по весници и на ТВ и потоа да ги каже фактите.
– Се е направено во согласност со законите и во Црна Гора и во Србија и што сега, запраша Вучиќ, потсетувајќи дека и поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ набавил, исто така, возило.
Но, додаде, нема никаква причина за негово апсење, бидејќи не остварил никаква противправна корист, а автомобилот останал да го користи државата.
Вчера и црногоркиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ изјави дека нема ништо спорно во преминувањето на Груевски низ Црна Гора, на пат кон Унгарија, каде што побара политички азил.