Просечната плата во Србија до крајот на годинава ќе изнесува 500 евра, изјави денеска српскиот претседател, Александар Вучиќ.

– Пред крајот на годинава ќе има значително покачување на платите. Денес платата е помеѓу 420 и 425 евра. Тие ќе се приближат до 500 евра, рече Вучиќ.

Тој, како што пренесуваат српските медиуми, додал дека Србија во првиот квартал има 4,6 отсто раст, во април 4,3 отсто.

– Мај го завршивме со 8,4 милијарди динари суфицит, а предвидено беше 35,6 милијарди дефицит, изјави Вучиќ.

Говорејќи за Законот за привремено намалување на пензиите, српскиот претседател рече дека без сомнение следува укинување на тој закон.

– Резултатите во вториот и третиот квартал ќе бидат подобри. Ќе биде укинат Законот за привремено намалување на пензиите. Нема никакви дилеми околу тоа, изјави Вучиќ.