Кина од 1 јули намалува увозни тарифи на речиси 1.500 производи за широка потрошувачка – од козметика до бела техника, за да поттикне увоз во рамките на напорите за отворање на сопствената економија.

Од следниот месец просечната царинска стапка на 1.449 производи што се увезуваат од држави кои се најголеми трговски партнери на Кина, ќе бидат намалени на 6,9 отсто од 15,7 отсто.

Тоа е намалување од околу 60 отсто, се наведува во планот на кинеското Министерство за финансии.

Царините за лекови – пеницилин, цефалоспорин, инсулин – ќе бидат нула до шест отсто. Таквиот потег се совпаѓа со ветувањето на Пекинг до своите трговски партнери меѓу кои и САД, дека Кина ќе преземе дополнителни чекори за зголемен увоз.

Во декември лани Кина намали увозни царини на речиси 200 производи за широка потрошувачка на просечни 7,7 отсто од 17, 3 отсто, соопшти Министерството за финансии.