Српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше за енергетската безбедност со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на нивната средба во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, пренесе српската национална телевизија РТС.

Вучиќ соопшти дека за време на разговорот била разгледана можноста Србија до крајот на септември да потпише нов договор со Руската Федерација за испорака на гас.

– Имавме отворен и содржаен разговор со министерот Сергеј Лавров за енергетската безбедност во контекст на општата светска криза во овој сектор. За време на средбата изразив надеж дека до крајот на септември ќе потпишеме нов договор за гас со Руската Федерација. Разговаравме и за билатералните односи, за зајакнувањето на економската соработка, како и за геополитичките случувања во светот и значењето и улогата на ОН во сложената глобална средина. Ја нагласив принципиелната позиција на Србија, која останува посветена на зачувувањето на мирот, стабилноста и почитувањето на меѓународното право како единствен начин за надминување на предизвиците“ – напиша Вучиќ на Инстаграм.

За време на средбата во Њујорк, шефот на руската дипломатија му ги пренесе поздравите од рускиот претседател Владимир Путин на српскиот претседател, информира РТС.

Вучиќ, од своја страна, исто така му испрати поздрави на Путин, заблагодарувајќи се за пријателството и изразувајќи надеж за натамошно подобрување на билатералната соработка во сите области.