Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва од Париз се обрати во врска со актуелните случувања во Белград.
– Му порачувам на народот да не се грижи, добар дел од хулиганите ќе бидат уапсени, ќе мораат да одговараат за своите злосторства. Мислам дека конечно паднаа сите маски, можете некого да залажувате еден ден, но сега го видовме вистинското лице. Почнаа да се тепаат меѓу себе, а потоа бараа помош од полицијата, која претходно истите ја напаѓаа. Тие се уапсени и дадена им е медицинска помош, истакна Вучиќ за ТВ Пинк.
Коментирајќи ги протестите, тој изјави дека станува збор за „чист тероризам“.
Според него, 95 отсто од народот е против немири на улиците.
– Никој нормален не го прифаќа тоа. Видовте некои поранешни пратеници кои грабаат од народот. Нема никој да дојде на власт со насилство, туку само на избори. Ги молам луѓето да не излегуваат на протести, за да не завршат в болница, нагласи српскиот претседател.
Вучиќ вечерва ги пофали полицајците, војската, но и министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ. Тој изрази надеж дека ќе „победи пристојна и модерна Србија“.
– Вечерва ги пуштивме на еден метар од влезот на Парламентот. Тогаш почнаа апсењата, изјави шефот на српската држава.
Вучиќ се осврна и на ситуацијата со коронавирусот.
– Денешниот биланс е резултат од пред пет дена. Како дојдовме до тоа? Со чија неодговорност? Оние кои ги бојкотираа изборите ги повикуваа вечерва луѓето да го затворат автопатот кај Нови Сад, тоа е чист тероризам. Немојте да го загрозувате здравјето на луѓето, секоја вечер организирано да заразувате одреден број луѓе. Државата не дозволи одржување на овие протести, истакна Вучиќ.
Во Белград и вечерва се одржаа протести, кои преминаа во насилни, и покрај апелите да не се ризикува натамошно зголемување на заразени со коронавирус, но и покрај епидемиолошките мерки, вклучувајќи забрана за собири на повеќе од десет лица на отворено.
Нови инциденти пред Собранието на Србија во Белград
Демонстрантите во Белград почнаа да фрлаат камења, факели, и шишиња кон влезот на Парламентот каде се распоредени полициски сили.
Полицијата во одбрана употреби солзавец како и во изминатите три дена додека траат протестите.
Жандармеријата се обидува да ги потисне демонстрантите кои ја нападнаа полицијата и да го заземе платото пред Парламентот. Во одговор, демонстрантите фрлаат кон нив и со бетонски делови од плочник.
На моменти беше мирно на протестите каде демонстрантите почнаа да се повлекуваат, но една група почна да фрла по плициските сили. Според белргадски медиуми, регистрирани се и најверојатно шок бомби од полицијата.
Илјадници луѓе се собраа во Белград и вечерва, четврти ден по ред пред српскиот Парламент на протести и покрај одлуката на Кризниот штаб да забрани собирање на повеќе од 10 лица, јавиа белградски медиуми.
Протести има во Белград, Нови Сад, Ваљево, Ниш, Чачак, Зрењанин, Лесковац, Пирот и Врање, поради незадоволство од сегашната политичка и епидемиолошка состојба во државата. Неколку илјади луѓе се собраа пред Националното собрание во Белград. Група демонстранти ја пробија оградата пред Парламентот, но полицијата успеа да ги отстрани и да го опколи Собранието.
Повредени новинари на протестите
Двајца новинари на српската новинска агенција Бета се повредени за време на синоќешниот протест и се пренесени во Ургентниот центар во Белград.
Тие се донесени во Ургентниот центар со брза помош околу 22 часот, поради повреди здобиени за време на протестот што се одржа на платото пред српскиот Парламент.
Владимир Шкундриќ, син на Петар Шкундриќ, поранешен министер за рударство и енергетика и близок соработник на Ивица Дачиќ, беше уапсен синоќа, откако заедно со толпата демонстранти се обидоа да влезат во српскиот Парламент, пренесува „Блиц“, повикувајќи се на информирани извори.
Шкундриќ беше уапсен заедно со група хулигани кои искршија прозорци на зградата на Собранието. Тој на себе имаше маска и безбол палка, пренесува „Блиц“.
Тој веднаш и кажал на полицијата дека е син на Петар Шкундриќ, кој е висок функционер на Социјалистичката партија на Србија и поранешен советник на Ивица Дачиќ, изјави изворот.