Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави вечерва во Њујорк дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е „голема ѕвезда“ без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не.
На новинарско прашање за неговиот вчерашен говор на Генералното собрание на Обединетите нации и за впечатоците што ги остави, како и за тоа што на официјалниот канал на Јутјуб неговиот говор беше погледан од обраќањето на Зеленски, Вучиќ рече дека украинскиот претседател „е насекаде “.
„Да, мојот говор беше двојно повеќе прегледан на тој канал, но тоа не значи многу. Тој е голема ѕвезда, ние сме мали. Можете да го сакате или не, тој е навистина голема ѕвезда и претседател на многу поголема земја од нашата“, изјави Вучиќ.
Запрашан за „подсмевот на преведувачот на крајот од говорот во ОН“, Вучиќ изјави дека „преведувачот се насмевна, но некои противници се потсмеваа по неговото „Да живее Србија“.
„Тие имаат „Слава на Украина“, но „Да живее Србија“ за некого е срамота… Некои (политички) противници се потсмеваа, се срамат што се од Србија, а јас не се срамам, ако претседателот Зеленски може да каже „Слава на Украина“, зошто мене да ми биде срамота да кажам „Да живее Србија“, што е проблемот“, праша Вучиќ.
Вучиќ оцени дека неговиот говор привлекол внимание бидејќи бил „поинаков“.
„Некој се осмели да ја каже вистината. Излегоа од салата да чекаат да ми честитаат и да кажат дека тоа не го слушнале десет години“, изјави Вучиќ.