Во училиштата од основно и средно образование ќе бидат тестирани околу 40 до 50.000 деца со брзи антигенски тестови за Ковид, но претходно треба родителите да дадат согласност, се вели во прилогот на ТВ Сител.

Но, професорот Драган Даниловски е категоричен дека тестирањето на случајно избрани ученици нема да спречи ширење на инфекцијата дури и доколку се врши секоја недела, ниту пак тоа е противепидемиолошка мерка.

-Со еднократен скрининг само на случаен примерок 40.000 ученици, значи секое 6-то дете од вкупно 240.000 ученици или 5 деца во клас од 30 ученици. Ќе се добие само груб увид во моменталната состојба зошто еднократен скрининг не е против епидемиска мерка уште помалку епидемиска мерка е скрининг само на мал дел од сите ученици. За тестирањето да има епидемиолошка логика и да има ефект тоа треба да се направи периодично во тек на време и критериум за тестирање треба да биде вкупната популација ученици од 240.000 деца или ако тоа е скапо барем оние кои имаат респираторни симптоми, изјави за Сител проф. д-р Драган Даниловски, професор по епидемиологија.

Еден месец дена од почетокот на учебната година од здравство и образование тврдат дека мала е раширеноста на вирусот во училиштата, конкретни бројки нема туку само процент дека позитивни се 0,03 отсто од децата.

Но, од друга страна во неделниот извештај на ИЈЗ се бележи зголемување на бројот на заразени од 10 до 19 години за 12 проценти во однос на претходната недела, објавува ТВ Сител.