Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави за Зе-Де-Еф дека „не е претерано оптимистичен“ пред разговорите во Вашингтон со американскиот претседател Доналд Трамп за трговскиот спор меѓу ЕУ и САД.
– Јасно ставивме до знаење дека не сме непријатели на САД. Ние имаме заедничко минато, што не смееме да го заборавиме, но не сум претерано оптимистичен, изјави Јункер.
Тој додаде дека ЕУ е подготвена да преземе противмерки ако Трамп одлучи да воведе царини за европските автомобили.
Јункер нагласи дека сака да биде избегната трговска војна.
Претходно и Трамп изрази песимизам во врска со денешните разговори со пЈункер, на кои ќе се обидат да избегнат трговска војна меѓу САД и ЕУ..
Трамп на Твитер напиша дека Брисел и Вашингтон треба да се откажат од сите царини, бариери и субвенции. „На крајот тоа ќе може да се нарече Слободен пазар и Слободна трговија! Се надевам ќе го направат тоа, но нема““, напиша Трамп.
Американскиот претседател ја обвинува ЕУ за нефер трговски практики и се закани дека ќе ги зголеми царините на автомобили увезени од Унијата.
Комесарот за трговија на ЕУ, Сесилија Малстром, кој го придружува Јункер, минатата недела изјави дека ЕУ подготвува листа на американски производи на кои ќе наложи царини доколку САД воведат царини на европски автомобили.
Европската комисија во понеделникот соопшти дека Јункер не оди во Вашингтон со конкретни предлози за трговските односи.
Посетата се случува неколку дена откако Трамп ја нарече Европската унија непријател на САД што ги искористува во трговијата.