Иницијативниот одбор за македонската прослава на Мечкин Камен ќе организира паралелна прослава на националниот празник Илинден на 2 Август и најави дека ќе се делат свирчиња на одбележувањето на Денот на Републиката.

– Затоа ве повикуваме да дојдете во што поголем број со знамињата македонски, не со вентилатори. Со себе понесете и труби и разни свирчиња. Инаку свирчиња ќе се поделат и на Мечкин Камен. Не наседнувајте на било какви провокации и заплашувања, не ни можат ништо. Да ги пречекаме македонските коњаници на наша прослава. Македонија е на Македонците, никогаш северна, само Македонија. Се гледаме на Илинден на Мечкин Камен во 11 часот на македонска бина, на македонска прослава. Од иницијативниот одбор, се вели во соопштението.

На официјалната манифестација е закажано да говори премиерот Зоран Заев, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера од Крушево повика на достоинствено прославување на празникот.

– МВР ги презема сите мерки прославата на Илинден да помине во најдобар ред. Да го прославиме, достоинствено и чесно Илинденското востание и да покажеме дека ја почитуваме историјата и ја сакаме сопствената татковина, рече Спасовски.

Слоганот на официјалната владина програма за прославата на националниот празник е „Сите сме деца на Илинден“.