Кандидатот кој ќе биде избран за помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, Артан Груби, ќе заработи висока сума за канцелариската работа за време на петгодишната изградба на четирите делници од коридорите 8 и 10.

Основна плата, како што пренесе Експрес, од 70.052 денари ќе заработува кандидатот кој ќе го добие ова работно место кое е дел од конкурсот што Јавното претпријатие за државни патишта го распиша, а се однесува на привремени вработувања на работници за изградба на четирите делници од коридорите 8 и 10.

Огласот е за определено време до 22 јануари 2028 година колку што е планирано да заврши проектот, што значи дека избраниот кандидат за речиси пет години ќе заработи 3.992.964 денари или 65.000 евра нето плата за 57 месечен ангажман.

Асистентот на Груби треба да има завршно високо образование од областа на инженерство и технологија или градежништво и да има најмалку шестгодишно искуство во струката. Одлично треба да го познава англискиот јазик и програмите за канцелариско работење.

Според Правилникот на ЈПДП кандидатите за работни позиции мора да се македонски државјани и активно да го користат македонскиот јазик, а тоа значи дека помошникот на Груби како главен координатор не може да биде инженер од странство.