Откако Владата објави дека усогласувањето на заедничкиот акциски план со Бугарија е во завршна фаза, за спорот меѓу Македонија и Бугарија вчера се огласи американската амбасадорка во земјава, Кејт Брнз, која повтори дека САД се залагаат билатералните прашања да се решаваат меѓу државите и да останат настрана од процесот на интеграција во Европската Унија.
За тоа дека изработката на заедничкиот Акциски план е при крај информираа и министерот за надворешни работи Бујар Османи и владиниот портпарол Душко Арсовски. При тоа ставот на Владата е дека од македонска страна нема промени во позициите во преговорите со Бугарија – македонскиот идентитет, народ и јазик не се и нема да бидат предмет на преговори.
– При крај сме на финализација на Акцискиот план којшто ќе претставува значаен документ за да ја следиме линиската соработка во сите области и очекувам преку посветена работа и трпеливо да ја вратиме довербата и во политичкиот дијалог, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција со европратеникот и известувачот на Европскиот Парламент за С. Македонија, Илхан Ќучук.
А американската амбасадорка вчера во гостувањето во „Само интервју“ нагласи дека во однос на интеграцијата на Македонија во ЕУ, САД се разочарани што Бугарија одлучила да го блокира почетокот на преговорите, но напомена дека како позитивен знак го гледаат тоа што Македонија и Бугарија продолжуваат да расправаат за билатералните прашања да се стават надвор од процесот со цел напредок во тој поглед.
Брнз истакна дека решението на билатералните прашања ќе се постигне со билатерален дијалог.
-Мора на тој начин. И понатаму ќе се залагаме, ќе се бориме и ќе ја поддржуваме С. Македонија да ги почне преговорите за ЕУ, ќе продолжиме да ја застапуваме билатералните прашања да бидат надвор од преговорите, рече амбасадорката.
Таа оцени дека бугарското вето нанесува штета на повеќе нивоа, меѓу другото, предизвика и сомнеж кај народот во кредибилитетот на ЕУ и нејзината посветеност кон проширување.
-Мислам дека тоа ја отвори вратата за дезинформации. Затоа е важно тоа да не се дозволи. Поважно е да се има на ум дека што и да се случи, најважните односи за земјава се со ЕУ и НАТО и ништо нема да ги замени, посочи Брнз.
Големи можности во унапредување на македонско-бугарските односи гледа европратеникот и известувачот на ЕП за Северна Македонија, Илхан Ќучук, кој вчера во интервју за Трилинг на ТВ 24 вести рече дека поради тоа е потребно враќање на довербата меѓу двете земи и наоѓање заеднички јазик за сите отворени прашања.
Блокадата, потенцира вчера тој, на никаков начин не и помага ниту на ЕУ, ниту на двете земји.
-Ние како политичари сме должни да ги поставиме и бугарско-македонските односи и регионалните прашања, а и европските на една многу подобра перспектива, изјави Ќучук, кој додаде дека е потребно да се врати довербата во Договорот за добрососедство.
-Компромисно решение е она што ќе биде добро прифатено. Ако има волја, такво може да се најде. Тоа го заслужуваат народите на двете земји, рече Ќучук.
Ќучук престојуваше во дводневна посета на Македонија во рамките на која имаше средби со министерот за надворешни работи Бујар Османи, со шефот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, претставници на парламентарните групи и со други државно-политички претставници. Посетата се реализираше во пресрет на гласањето за Нацрт-резолуцијата за Македонија во Комитетот за надворешни работи во рамките на Европскиот парламент.
Во однос на Нацрт-резолуцијата за земјава, Ќучук претходно на заедничката прес-конфренција со Османи потенцира дека дека неговата улога како известувач е објективна и ја отсликува реалната слика за земјава, истакнувајќи дека Македонија има силен ангажман во реформите.
Португалското претседателство со ЕУ треба да го одржи вториот министерски состанок за општи работи идната недела, но проширувањето и преговорите со Македонија и натаму не се на дневен ред, јавува дописничката на МИА од Брисел.
На 23 февруари ќе се одржи вториот состанок на министрите за европски прашања откако земјите членки во ЕУ прв пат не усвоија никакви заклучоци за Западниот Балкан, а Македонија беше блокирана од страна на Бугарија за почетокот на преговорите поради билатералниот спор.
-Ни на овој состанок нема да биде прашањето на дневен ред, немаме коментар за ова во моментов, работиме на овие прашања, но, нема да бидат дел од дискусиите, изјави висок дипломатски извор од Брисел за МИА.
Во декември минатата година по макотрпни преговори помеѓу земјите членки на ЕУ, Чешка и Словачка одлучија да ги блокираат заклучоците за проширувањето поради инсистирањето на Софија да се вметне реченица поврзана за „погрешното толкување на историјата“. Претходно Софија ја блокираше и преговарачката рамка за Македонија. Ова беше првпат во историјата да нема никакви заклучоци за Западен Балкан на декемвриски самит на ЕУ.