Во 1944 година по падот на фашизмот во Бугарија формирана е комисија за историја која ги отстранила спорните великобугарски и шовинистички тези во бугарските учебници.
Организацијата на Македонците во соседна Бугарија, ОМО Илинден Пирин, којашто има забрана од бугарските власти да биде регистрирана како политичка партија објави дел од документацијата на тогашната историска комисија од 1947 година.
Во документот од Министерството за народна просвета на Бугарија се наведува дека во 1944 година извршени се измени во бугарските учебници, поточно се отстранети лекциите, наративите и тезите кои се карактеристични за великобугарскиот шовинизам.
Оние тези коишто по падот на фашизмот се сметани за шовинистички и великобугарски, денес се услови кои бугарската страна од историските комисии ги поставува како факти, а македонските политичари од власта ја убедуваат македонската јавност дека се услови кои мора да се прифатат за на Македонија да ѝ биде отворена вратата кон Европската Унија.
– Самуиловата словенска држава не треба да се претставува како „Западна Бугарија“. Таа никнува во земји кои навистина влегувале во пределите на Бугарија, но по својот етнички облик биле чисто словенски. Да се објасни дека Самуиловата држава е типична феудална формација во која нема и не може да има какво и да е национално сознание. Самуиловата држава е првенствено држава на македонските словени, стои во документот на историската комисија од 1947 година.
Како големобугарска идеја се смета и калемењето на бугарска националност врз сесловенските просветители Свети Климент и Наум. Во документот од 1947 стои дека Свети Климент и Наум треба да се истакнат како јужнословенски книжевници и просветители.
– Браќата Миладиновци како и другите македонски учители и книжевници не треба да бидат третирани како претставници на бугарската просвета. За време на преродбата заедничките интереси на Бугарите и Македонците ја условуваат нивната заедничка борба, насочена против заедничкиот непријател – фанариотите, наведено е во документот од бугарската историска комисија од 1947.
Племенскиот сојуз на словенските племиња во Македонија на чело со кнезот Пребонд исто така бил третиран од бугарската историска комисија во 1944 година. Во документот стои дека во бугарските учебници Пребонд треба да биде запишан како предводникот на првиот обид на Македонските Словени да создадат своја државна организација.
Во прилог може да погледнете копија од оригиналниот документ од 1947 година и негов превод на македонски јазик.
Марко Петревски