Пристигна првата испорака – 3.300 нови контејнери за Скопје, најголема набавка во историјата.


-Чист град значи поздрав живот, поуредни населби и подостоинствено секојдневие за секој човек. Нашите деца заслужуваат да растат покрај чисти улици и паркови, а скопјани заслужуваат град со кој ќе се гордеат. Токму за тоа работиме! Денес пристигна првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, најголемата набавка на контејнери во историјата на Скопје! Нивното распоредување низ градот започнува уште денес. Ги заменуваме скршените и дотраени контејнери, го зголемуваме нивниот број и обезбедуваме повеќе места за правилно одлагање на отпадот. Заедно со новите камиони, кои следната недела ќе бидат пуштени во работа, создаваме услови за побрзо и поефикасно собирање на сметот и почисти населби низ цело Скопје. Особено важно е што истите контејнери, за кои моите претходници плаќале по 18.600 денари, ние ги набавуваме по двојно пониска цена, објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека пониската цена на набавката значи дека се води сметка за секој денар на граѓаните, а средствата се трошат чесно, разумно и одговорно!
Ѓорѓиевски нагласи и дека дополнително, обезбедени се и 60 контејнери за селекција на стакло.

-Стаклото треба да заврши на рециклирање, а со неговото одделно собирање го намалуваме мешаниот отпад и ја чуваме животната средина. Чекор по чекор, го менуваме ликот на Скопје. Новата опрема мора да се почувствува таму каде што е најважно – пред нашите домови, во нашите маала и на улиците по кои секојдневно се движиме. Но, за чисто Скопје потребна е и совеста на секој од нас, вели Ѓорѓиевски.

Градоначалникот упати јасен апел до граѓаните, да го чуваат она што е наше, заедничко.
-На градежниот шут и кабастиот отпад не им е местото ниту во контејнерите ниту покрај нив! Со таквото однесување се оштетува опремата, се отежнува собирањето на сметот и се создаваат диви депонии среде нашите населби. За ваквата неодговорност нема да има толеранција! Ние ја преземаме нашата одговорност. Секој да го даде својот придонес. Скопје е нашиот дом. Да го направиме чист, уреден и повторно горд град, вели Ѓорѓиевски.






