Оваа недела се очекува граѓаните да ги почувствуваат ефектите од владината одлука за ограничување на профитната маржа на дел од основните прехранбени производи. Цените на 73 прехранбени производи кои се дел од есенската потрошувачка кошница треба да бидат пониски до 31 октомври.
Од Министерството за економија велат дека одлуката ќе почне да се применува веќе следниот ден откако владината одлука ќе излезе во Службен весник.
Производите вклучени во есенската кошница на полиците, фрижидерите и разладните уреди, треба јасно да бидат обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Одлуката е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индексот на трошоци за живот, кои покажуваат дека во август годинава во однос на декември лани евидентирано е зголемување на трошоците за храна за четири проценти.
– Согласно податоците, во консултација со работната група која беше формирана од претставници од министерствата за економија и труд, за финансии и за земјоделство, сметаме дека ваквото зголемување на трошоците за храна и безалкохолни пијалоци е прекумерно и несразмерно во однос на растот на трошоците за набавка и оперативните трошоци кои трговците ги имаат. Нашите проценки се дека со стапување во сила на оваа одлука трошоците за храна и безалкохолни пијалоци ќе се намалат во просек за околу 10 проценти, со што ќе се намалат и трошоците за живот во потрошувачката кошница за групата храна и пијалоци, истакна во петокот на прес-конференција министерот за економија Бесар Дурмиши.
Премиерот Христијан Мицкоски во саботата во изјава за медиумите рече дека со есенската потрошувачка кошница опфатени се производи што најмногу ги користат граѓаните.
– Оваа есенска кошница е таргетирана и е резултат на анкета што е правена со граѓаните за тоа кои се производите што оваа есен се најкористени. Иста таква кошница ќе има и пред новогодишните празници, ќе има и пролетна кошница така што нашата цел како Влада е производите кои се најупотребувани од страна на граѓаните да бидат опфатени со оваа мерка, истакна Мицкоски во изјава за медиумите дадена по посетата на општина Кавадарци.
Според опозициската СДСМ, мерките на Владата се задоцнети и нема да имаат ефект врз цените и стандардот на граѓаните.
-За жал, по најавената мерка на Владата дека се замрзнуваат маржите на само 73 производи, граѓаните не треба да очекуваат некаков ефект. Оваа мерка е калкулантска политика на Владата колку да замачкаат очи дека нешто направиле под притисок на јавноста. Сега е повеќе од јасно зошто со недели Мицкоски чекаше со намалување на цените на производите. Целта била да се најде решение колку да го има и тоа е во интерес на трговците, а не во интерес на граѓаните ниту нешто посебно ќе им помогне, оценија од СДСМ.
При крај на месецов треба да стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој, надлежните очекуваат дека ќе има исто така намалување на цените.
– На крајот на месецов ќе стапи во сила Законот за нефер трговски практики, добавувачите и купувачите ќе се усогласат во однос на рабатот и дополнителните трошоци, значи ќе се ограничи маржата за 10 проценти кај овие добавувачи и купувачи, со цел цената на 2458 производи што ќе ги опфаќа таа листа да бидат на крај намалени за граѓаните, рече Дурмиши во петокот на прес-конференција.
Покрај есенската кошничка, од Владата најавуваат дека ќе има и божиќна, рамазанска и велигденска кошница со ограничено време на траење пред и за време на празниците кога вообичаено се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, со цел да се заштити стандардот на граѓаните.
Фото: МИА архива