Собранието попладнево ја изгласа Нора Алити за претседател на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), а немаше кворум за избор на Лиле Делиџакова за заменик-претседателка. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваа со предлогот зашто сметаат дека Алити е партиско решение бидејќи беше пратеник на ДУИ во претходниот парламентарен состав.
Драган Данев рече дека како довчерашен пратеник на ДУИ, Алити не може да биде независен претседател на регулаторно тело како што е Комисија за хартии од вредност.
– Тука требаат луѓе со кредибилитет и авторитет во областа на економијата и финансиите. Вака не се задоволуваат критериумите на Прибе за кои толку се залагавте додека бевте во опозиција, рече Данев.
Реџаиљ Исмаили од ДУИ рече дека Алити не била воопшто член на ДУИ туку од огранокот на жени од Желино била кандидирана во листа на ДУИ за претходниот пратенички состав како експерт за економија. Посочи дека таа сега нема политички ангажман и дека е професионална во областа на економијата, со завршено образование во Бугарија и магистратура во Италија.
За заменик-претседателката на КХВ Лиле Делиџакова, сестра на Специјалната обвинителка Катица Јанева, немаше доволен број пратеници за гласање и ќе се гласа дополнително. Во расправата Невена Стаменкова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека таа не е стручна и компетентна во областа, не ги исполнила критериумите за конкурс и двапати била суспендирана од работа.
– Делиџакова воопшто не аплицирала на отворен јавен конкурс кој завршил на 16 февруари 2018, а нотарската заверка е два месеца по истекот на рокот, рече Стаменкова.
Според нејзиниот сопартиец Димитар Стевананџија сомнително е што за ваква позиција во регулаторно тело, каде мандатот е минимум пет години и плата 1.500 евра, во февруари се пријавиле само седум кандидати. Одговорот на владата за предлогот, рече тој, е краток: дипломиран економист, 20-годишно искуство во работењето на финансиите, банкарството и општо економско менаџерство.
– Знаете зошто е ваков одговорот, затоа што податоците не се точни. Некои од вас и тоа не го знаеле. Денеска во 13.35 часот на вашиот мејл ги видовте заматените, замаглените биографии, рече Стеваннаџија.
За комисионер-член на КХВ беше изгласан Душко Гошевски, а дополнително ќе се гласа за останатите членови Кирил Јовановски и Зоран Колев.
Собранието попладнево го разреши Љуизим Имери од член во Советот на експерти на Агенцијата за супервизија и осигурување, а без расправа беа изгласани и Законот за ратификација на Договорот за воена финансиска соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција, Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот на оружјето, Законот за странци.