Зоран Заев од пред малку е по втор пат амнестиран политичар за очигледен криминал, повторно избега од соочување со правдата и со одговорност за криминално однесување, реагира ВМРО-ДПМНЕ, по денешната ослободителна пресуда на премиерот Заев са случајот „Поткуп“.

– Ослободителната судска пресуда за „Поткуп“ не изненади никого. Јавноста е свесна како работи судството под политички притисок на власта. Беше сосема јасно дека судот нема да собере храброст да му изрече казна на главниот „реформатор“ во правосудството. Беше сосема јасно дека судот ќе подлегне на заканите од Заев дека би можел да си ги реализира најавите за генерален реизбор на судии, во кои тој како реформатор би носел одлука кој нема да биде реизбран. Бројни се заканите, но и наградите со кои власта ги мотивира или заплашува судиите да работат по нејзин терк, се вели во реакцијата на опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека денешната одлука на судот е потценување на севкупната македонска јавност дека не го видела тоа што го виде на снимките на кои Зоран Заев бара поткуп.

– Денешната одлука на судот е потценување на секој граѓанин кој го слушна сведочењето на оштетениот бизнисмен кој под заклетва тврдеше дека Заев како градоначалник му барал поткуп за секој квадратен метар земјиште и тоа по едно евро за црквата, едно евро за партијата и едно евро за Вице. Денешната пресуда ги покажа двојните аршини по кои работат македонските судови. Пред неполна година, судот во Кавадарци, осуди поранешен градоначалник за поткуп, само и само врз основа на изјава на сведок, изјава кој патем во неколку наврати сведокот ја менуваше. Разликата меѓу двата процеси е во тоа што тука му се суди на лидерот на СДСМ, а во Кавадарци се судеше на функционер на ВМРО- ДПМНЕ, се вели во реакцијата.
Почитувани,

ВМРО- ДПМНЕ, како што пишува во реакцијата, веќе кажа дека судските процеси се со познат исход.

– Пресудите се склопуваат од страна на криминалниот картел во власта. Не беше потребна голема анализа за да се предвиди каква ќе биде пресудата. Исто како за „Поткуп“, веќе сите зборуваат за исходот од предметот „Тенк“ и пресудата што треба да биде изречена, иако дури и сведоците на обвинителството сведочеа контра обвинението. Денешната судска пресуда не е правда. Денешната судска пресуда е неправда. Со денешната пресуда на дело се потврди неказнивоста на власта. Пораката што денеска се испрати гласи: Законите не важат за СДСМ, нивните функционери слободно може да бараат поткуп и да тонат во корупција. Пораката што денес се испрати е дека судот е политичка алатка за пресметка на СДСМ со неистомислениците, се вели во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека судството мора да се реформира и, како што се вели во реакцијата, ќе се реформира кога криминалниот картел ќе си замине од власт.