На социјалната мрежа Фејсбук се забележани нови кибер-напади насочени кон кражба на лични податоци и кориснички сметки, при што измамниците користат внимателно осмислени манипулативни пораки со цел да ги доведат во заблуда корисниците, предизвикувајќи панични реакции.
Според првичните информации, станува збор за психолошки манипулации, при што жртвите се наведуваат да поверуваат дека нивните профили се соочуваат со трајно бришење. Овој тип на напад најчесто се базира на момент на невнимание и страв кај корисникот, што значително ја зголемува веројатноста за успешна реализација.
Сè започнува во моментот кога корисникот добива приватна порака од непознат, приватен профил. Пораката, како што се наведува, е напишана на кирилица и визуелно е дизајнирана така што во целост имитира официјално безбедносно известување од администрацијата на социјалната мрежа. Со цел дополнително да се зголеми притисокот врз корисникот, во пораката се наведува краток рок од само 24 часа за реакција, со образложение дека на корисничкиот налог се забележани невообичаени активности.
Специјално известување од Фејсбук:
Со жалење ве известуваме дека вашиот Фејсбук налог ќе биде ограничен. Откривме невообичаени активности на вашиот профил, т.е лажно претставување и вознемирување. Се сомневаме дека вашиот профил е украден. Затоа ве молиме да проверите некои информации за да продолжите да ги користите нашите услуги. Доколку не добиеме одговор во рок од 24 часа, вашиот профил ќе биде трајно блокиран.
Услови за користење:
„© 2026 Inc. Верификација на налогот во датотеката подолу,
ДАТОТЕКА ЗА ВЕРИФИКАЦИЈА.pdf 67 KB“, се наведува во пораката што им пристигнува на граѓаните.
– Најголемата опасност од оваа измамасе наоѓа на самиот крај од пораката, каде е прикачен документ со назив „ДАТОТЕКА ЗА ВЕРИФИКАЦИЈА.pdf“, предупредуваат експертите.
Иако на прв поглед изгледа како обичен ПДФ документ, при кликнување на оваа датотека корисникот всушност не извршува никаква верификација, туку несвесно презема злонамерен софтвер или скрипта која им овозможува на напаѓачите целосен пристап до неговите приватни податоци, лозинки, а во одредени случаи и до банкарски сметки доколку истите се поврзани со уредот.
– Граѓаните треба да се многу внимателни при вакви пораки, да не отвораат сомнителни налози и да не внесуваат лични податоци на непроверени страници. Корисниците треба веднаш да го блокираат профилот од кој е испратена пораката, како и да ја пријават пристигнатата содржина до службата за поддршка на Фејсбук поради обид за измама, апелираат безбедносните служби и експерти за сајбер безбедност.
Едукација, внимателност, како и проверката на изворот на информациите остануваат клучни фактори во заштитата од сајбер криминалот кој е во постојан раст, пренесе Телеграф.




