Финалното решение со Бугарија треба да биде претставено пред пратениците. Мора да влезе во Законодавниот дом, за него да се дебатира и да се гласа со мнозинство, но не двотретинско зашто тоа е многу тешко да се добие, смета претседателот Стево Пендаровски.
Граѓаните од двете страни, и од македонска и од бугарска, оценува претседателот, мора да знаат за што се преговара.
Според шефот на државата, никако не може да се „протне“ решение кое би било недостоинствено.
Не, нема шанси тоа да се случи. Не може да се протне такво решение. Прво јас ќе излезам на прес-конференција и ќе кажам „народе, јас ова не го прифаќам“. И не мислам дека било кој договор треба да се крие од македонската или бугарската јавност. На сила таа работа не оди, треба да им се каже на граѓаните – „за ова разговараме и со ова не се рушат националните позиции“, изјави Пендаровски за ТВ 24.
Пендаровски е дециден: „Ако сакаме да потпишеме договор што ќе трае, што ќе биде прифатен од мнозинството граѓани, мораме пред да го потпишеме да им го кажеме и да добиеме од нив позитивен фидбек“.