Веројатно сите ја знаете приказната за раѓањето на Исус во пештерата. Но, помалку од вас знаат дека пештера во библиските евангелија нема. Од каде тогаш приказната, од каде верувањето на милиони луѓе, од каде сите оние икони со тој мотив и украси за Божиќ со пештери?

Две од четирите евангелија зборуваат за раѓањето на Исус – Евангелието по Матеј и Евангелието по Лука, додека во тие по Марко и Јован, раѓањето воопште не се споменува.

Но, кај Матеј нема ниту еден единствен збир за тоа каде е роден Исус – штала, пештера или куќа. „А, кога се роди Исус во Вителеем Јудејски, во дните на цар Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим  мудреци од исток и рекоа…“ (Матеј, 2; 1).

„И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка му Марија и паднаа, му се поклонија…“ (Матеј, 2:11).

Значи кај Матеј се прецизира дека Исус е роден во Витлеем, а потоа се вели дека мудреците од исток влегле во куќа во која се наоѓал Младенецот. Но, мудреците доаѓаат прво во Ерусалим, потоа одат во Витлеем, за што е потребно време, па може да се претпостави дека од раѓањето на Исус до доаѓањето на мудреците поминале денови во кои бебето и неговите родители се преселиле од местото на раѓање кое не се споменува, во некоја куќа.

Кај Лука пак не се спомнува ни куќа, ни пештера, туку се зборува за тоа дека откако бебето се родило, било положено во јасли:

„Го роди својот син првенец, Го пови и Го положи во јасли, оти за нив немаше место во гостилницата“ (Лука, 2.7). Зборот јасли, пак, се однесува на оној сад од кој се хранат животните во штала, а кој се нарекува со тоа име. Оттука, иако ни кај Лука не се споменува објектот во кој Исус е роден, од зборот јасли се изведува заклучокот дека Исус е роден во штала.

А пештера? Пештера во Библијата нема. И да го повториме прашањето: Од каде тогаш приказната, од каде традицијата која трае речиси 2000 години?

Можеби ќе ви звучи неверојатно, но пештерата за прв пат се споменува во Евангелието по Јаков, братот на Исус. Зошто тогаш тоа Евангелие не е во Библијата? Нема логика таму да се евангелија за кои се претпоставува дека се напишани и од лица кои не го познавале Исус (освен Јован), а да го нема евангелието од братот на Исус (како што го нема ни Евангелието по Петар).

Но, да видем прво што пишува во Евангелието по Јаков за раѓањето на Исус:

„И го оседла Јосиф магарето, ја качи Марија на него, а тој и Симон одеа позади и дојдоа близу Витлеем, на пет километри“ (Јак. 12.5).

Ова е прецизност каква што тешко се среќава во вакви списи и што е уште поважано, остава впечаток дека авторот има веродостојни податоци. Инаку, која е вредноста за еден автор од тоа време, да каже на која далечина од градот се наоѓа пештерата (се разбира англиските преводи ги користат милјите, но веројатно и едното и другото е преработено, а во првите верзии стои друга мерна единица)?

Па продолжува:

„И тие продолжија понатаму по својот пат и Марија му рече на Јосиф: Спушти ме доле од магарето, зошто тој кој е во мене притиска и сака да се роди. Но Јосиф и одговори: Каде да те одведам? Ова место е пусто. Тогаш Марија повторно му кажа: Спушти ме доле, зошто тој кој е во мене силно притиска. И Јосиф ја симна. И пронајде пштера и ја одведе внатре. И оставајќи ја неа и синовите свои во пештерата, Јосиф отиде да најде Еврејка бабица во селото Витлеем“ (Јак.12.10-14; Јак. 13. 1)

Значи ете ја пештерата, но ете ги и синовите на Јосиф (Јаков не вели дека тоа се синови и на Марија, што значи зборува за полубраќа на Исус) и во своето раскажување вметнува и потрага по бабица која потоа присуствува на раѓањето на Исус. И потоа се случува нешто интересно: „Одненадеш облакот стана силно светло во пештерата, толку силно што нивните очи не можеа да издржат. И светлото постепено се намали, се додека новороденчето не се појави и не се надои млеко од градите на мајката Марија. Тогаш бабицата уплакана кажа: Колку е славен овој ден, кога моите очи го видоа ова чудо“ (Јак. 14.11-13).

Како што можете да забележите, Јаков не вели дека бабицата ја породила Марија, туку има светло кое е силно и кое постепено се намалува за да можат сите да го видат настанот, вклучувајќи ја и бабицата која се заблагодарува што присуствувала на ова чудо.

Оттука, од ова Евангелие или поточно кажано Протоевангелие потекнува приказната за пештерата во која се родил Исус. Овој спис се смета дека настанал околу 150-та година од н.е., па затоа, иако на крајта се вели „Јас, Јаков, ја напишав оваа приказна во Ерусалим…“, постои сомнеж во автентичноста на текстот, односо постои сомнеж дека тој воопшто потекнува од Јаков, човекот кој ја основал црквата во Ерусалим и кој подоцна умрел насилно како и многу апостоли.

Дополнително, списот за прв пат се споменува во третиот век од страна на Ориген Адамнти, кој веднаш изразил сомнеж околу текстот, па сето тоа придонело, како и Петровото евангелие, да не биде вклучен во Библијата.

Но, и без тоа, Протеванглието било толку популарно, што само на грчки јазик имало околу 150 преписи, а да не зборуваме за другите јазици како сиријски, старословенски, арапски, коптски, египетски, грузиски итн., што приказната од него останала да се шири меѓу христијаните и тоа трае скоро 2000 години. Објаснувањето се бара во гладта на христијаните да дознаат што повеќе детали за животот на Исус, а ова Протоевангелие такви детали нуди и премногу (како, на пример, за Саломија, жената која по породувањето на Марија, влегла да се увери дека таа и натаму е девица).

Се разбира, кога зборуваме за објектот во кој е роден Исус, никој не може да утврди што е точно, а што не, посебно што како што објаснуваше проф. Ратомир Гроздановски во Божиќната емисија „Без ракавици“ на авторот на овие редови, во тоа време, шталите (Евангелие по Лука) често ги  граделе во рамки на веќе постојна пештера, користејќи ја природната структура на која се надоградувал објект. Оттука, нема ништо спорно ако јаслите од Лука се наоѓале во пештерата од Јаков.

Тоа што е исто така интересно е дека ова Протоевенгелие ја има и приказната за мудреците која ја нема кај Лука (таму се пастирите), а ја има кај Матеј. Но, додека кај Матеј, по нивното заминуивање, Ирод бесен нааредува убивање на сите деца до две години во Витлеем поради што Јосиф и Марија, со бебето бегаат во Египет, кај Јаков стои само дека Марија го замотала бебето во ќебе и го ставила во воловски јасли. Бегство во Египет нема. Истовремено, според Јаков, уплашена за својот син Јован (св. Јован Крстител) неговата мајка Елисавета го грабнала и со него побегнала во планината. Бидејќи не можела да се качи горе, таа се помолила, по што планината се отворила и ја примила, спасувајќи ги на тој начин и мајката и Јован.

Самиот Јаков, пак, наведува дека по немирите во Витлеем поради наредбата на Ирод, и тој морал да побегне во пустина, а се вратил по смртта на Ирод. (продолжува)

Дарко Јаневски