Законот за личните карти е блокиран со амандмани од Левица иако политичката партија БЕСА беше доволно флексибилна да поднесе амандман за почеток на дејстиве од 2023 година за етничката определба на граѓаните во личните карти, очекувајќи Европа да се изјасни по ова прашање. За мене е ова флексибилност на сериозна партија, изјави премиерот Зоран Заев денеска во Јегуновце.

Тој информира дека преку 40 илјади лични карти не се издадени, а се поднесени барања, некои од нив првпат.

– Имајќи предвид  дека вака е заглавено ова решение, првата можност е со работа на Парламентот од 1 септември да се донесе законот и да се издадат тие лични карти. Втората работа е Министерството за правда, заедно со другите надлежни ресори, да работат како да изнајдат  начин, со одлуки, правилници или критериуми, да дадат можност и со истечена лична карта да се гласа, затоа што граѓаните може да гласаат и со лична карта и со пасош. Но, сите немаат пасоши, изјави Заев.

Тој изрази уверување дека за да се заокружи правото на граѓаните да гласаат ќе се изнајде решение, затоа што, како што рече, во пракса и во минатото со истечена лична карта заради неможноста да се издаде лична карта или од распишувањето на изборите кога е истечена личната карта, се даваше можност да можете и со истечен рок на важење на ваквите лични документи да се гласа.

Според Заев, проблемот е посуштествен, не е само за изборите. Голем дел од банките, напомена, не ги ставаат во функција трансакционите сметки со истечена лична карта, па граѓаните не можат да земат пензија, социјална помош, а некои имаат здравствбнеи потреби што се врзани со личната карта или со трансакционата сметка или други потреби.

Премиерот Заев информира дека на Влада специјално разговарале за ова прашање, министерот за вантрешни работи Оливер Спасовски апелирал неколку пати, а ставот е  дека без разлика дали се пратеници, министри, раководитеили на институции, сите треба да работат во интерес на граѓаните.

– Разбирам и радикално размислување, неодговорно однесување и се, но да нанесувате непоправливи штети по својот народ не можам да разберам, рече премиерот Зоран Заев.