Решение за прашањето за нелегалната изградба на минарето на џамијата во Охрид ќе се бара по изборите на состанок на засегнатите страни во Владата, најави денеска премиерот Зоран Заев во Охрид.
–Знаете дека одржав средба со здружението „Совест“, одржав средба и со Дирекцијата на вакувите што е одговорна за изградбата, точно е дека постои конзерваторско решение за конзервација и реставрација како што е точно дека нема и одобрение за градба. Ова е сензитивен период е, доаѓаат избори. Охрид е пример на соживотот и на меѓурелигиското разбирање, одлучивме за ова прашање заедно на заеднички состанок после 5 мај да седнеме во Владата и го изнајдеме решението. Законите треба да се почитуваат во државата, но истовремено да ги почитуваме и сите други околности што се важни за сите граѓани, рече Заев на новинарско прашање.
Упати апел, пред се, до сите охриѓани, но и до сите во државата со целосна меѓусебна почит и разбирање да се продолжи во рамките на законот, соживотот и меѓурелигиската разноликост, за да се изнајде решение на ваквите проблеми.
-Државниот градежен инспекторат постапува. Постапуваат и сите државни институции, но постапува и зборот за што разговаравме. Затоа е стопирана изградбата на минарето и треба да бидат и граѓаните спокојни. Апелирам до сите и до вас медиумите, најмногу до граѓаните, институциите на системот и сите учесници и чинители заедно да се координира оваа работа. Во нашата земја едно општество за сите е нешто кое што е природно – мултиетничка и мултирелигиска Македонија постоела низ вековите и секогаш наоѓале разбирање и нашите предци. Разбирачка мора да се најде. Мора да се почитуваат законите, мора да се почитува историјата, мора да се почитува и традицијата и меѓусебното разбирање е многу важно. Затоа низ дијалог, низ разговор се решаваат работите така да и за ова прашање ќе се најде решение, подвлече Заев.
Тој рече дека е запрена изградбата на минарето по состанокот што го одржале.
– Сопрена е изградбата на минарето и тоа го правиме со редовни контроли, дел се и цивилни контроли од Владата и мојот кабинет. Знам дека може да се почитуваат каналите околу самиот објект што е во рамката на одржување на самиот објект, заради тоа што сите верувам дека ќе ги испочитуваат своите ветувања и дадениот збор за да можеме навистина во духот на Охрид, во духот на ова наше богатство, да го најдеме решението на овој проблем, порача Заев.
Во однос на проблемот со палењето на трската, премиерот рече дека се преземени конкретни чекори со тоа што веќе се поднесени кривични пријави за сторителите за двете локации.
-Тоа се пријави. Истрагата, секако, треба да го утврди тоа и да следат соодветни санкции за тоа да не се повтори никогаш повеќе. Во таа постапка казнет е и инспекторот кој не поднел навреме кривична пријава или соодветна пријава, а ја поднесе пријавата после поднесувањето на кривичната пријава против него, така да санкции мора да има против секој што постапува незаконски. Конечна цел е, да не заборавиме Охрид не е само на Охрид и на Охриѓани и Стружани, Охрид е на сите нас во нашата земја, но Охрид е и светско богатство. Нема кој друг да го чува ако ние не го чуваме. Така што и идните чекори што ќе ги преземеме. Јас најавив и само тоа ќе го потврдам, надлежностите околу менаџментот со плажите ќе го земеме на државно ниво заради тоа што реков Охрид е на сите. Секако ресурсот за развој останува, пред се, на охридските, струшките фирми или слично, но контролата, одговорноста ќе ја преземе државата, рече премиерот Заев.
За да може да се земе контролата врз плажите, тој нагласи дека мора да се донесат законски измени, кои се веќе во Собранието и верува дека тие ќе се донесат најбрзо што може.