Денеска го славиме Свети Климент Охридски, жив паметник на нашата историјата и историјата на другите народи на Балканот, ученик на сесловенските просветители – Светите браќа Кирил и Методиј и основач на Охридската школа, позната и како „прв балкански и европски универзитет, објави денеска на својот фејсбук профил премиерот Зоран Заев.

Со Свети Климент Охридски, стои во честитката по повод празникот,  се поврзани почетоците на македонската писменост и неговото име денес достојно го носат универзитети, факултети, училишта.

– Записите велат дека низ Свети Климентовата Охридска школа минале околу 3.500 ученици. Тоа е импозантен број за тогашните времиња, а секако, импозантен е и денес. Тоа сведочи и за исклучителните организациски, но и обединувачки способности на светиот учител од Охрид во духот на христијанското заедништво. Луѓето имале желба за духовна храна и поткрепа, за наука, за вистина. Како и денес. Денес, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми за неговата автентичност, и секое оспорување е спротивно на овие факти. Тоа е остварено во еден неминовен историски континуитет во кој свое значајно место има и големото дело на Свети Климент, како и делата на сите останати црковни и духовни големци во редот на нашата историја, вградени во создавањето и афирмацијата на идентитетот на македонскиот народ, се вели во честитката од Заев.

Ја комплетиравме нашата лична карта во ОН со македонски јазик, а посебноста на македонскиот јазик и на неговото кирилско писмо е прифатено и во Европската Унијата, која, наведува премиерот Заев, беспрекорно ја почитува јазичната разноликост и во која преку македонскиот јазик е прифатена и посебноста на македонскиот идентитет како составен дел и од европскиот идентитет, во заедницата од 500 милиони луѓе, основана под мотото „Обединети во разновидноста”.

Како што објави на фејсбук профилот Заев, почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на ЕУ. Повелбата за основните права на ЕУ, се подвлекува, забранува дискриминација врз основа на јазикот и ја обврзува Унијата да ја почитува јазичната разновидност.

– Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Свети Климент Охридски во мисијата на неговото време, повикани сме и ние да ги чуваме обележјата на нашиот недвосмислен македонски идентитет и да ги надминуваме предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува како народ и како држава, вели претседателот на Владата Зоран Заев во честитката објавена на неговиот фејсбук профил.